Општата болница во Охрид формира тричлена комисија која го истражила случајот на пациентката Билјана Трајкоска, која во понеделникот имаше спонтан абортус во 5 месец од бременоста, откако претходно била хоспитализирана со болки на гинеколошкото одделение. Според комисијата во случајот нема лекарска грешка, било постапено според сите медицински правила и протоколи и запазени биле сите стандарди во процесот на лекување.


– Од страна на персоналот на Гинеколошкото оддление направени се сите напори да се сочува плодот кај пациентката, постапувано е максимално стручно, совесно и колегијално. Разгледана е целокупната документација и утврдено е дека кај пациентката од страна на ЈЗУ Општа болница Охрид запазени се сите стандарди, сите медицински протоколи, адекватно е третирана и лекувана, направено е се што е потребно да се помогне на пациенткката и на нејзината состојба. – заклучила комисијата во состав Д-р Мимоза Влаши – спец. гинеколог акушер, Д-р Горан Балевски спец. хирург – уролог и Д-р Димитар Арнаудов спец. хирург.

Во извештајот на комисијата не се спомнува дали болницата ги имала сите потребни медикаменти за лекувањето на пациентката, дотолку повеќе што нејзиниот сопруг тврди дека во критичните моменти му било кажано дека мора сам да ги набави неопходните лекови. Тој смета дека трудницата го загубила бебето поради лекарска грешка, бидејќи при првото јавување на гинеколошкото одделение минатата сабота и била ординирана терапија без да и биде направен преглед, а следниот ден кога била хоспитализирана со крварење во болницата ги немало потребните ињекции кои морал сам да ги набави. Додава дека случајот ќе го тера до крај за да не се повтори и да не страда некое друго семејство.

Како што дознаваме за случајот се заинтересирало и јавното обвинителство. Информацијата ни ја потврди сопругот на пациентката, кој истакна дека семејството на обвинителството му ја доставило целокупната документација за настанот. Трудницата која имаше спонтан абортус во 5 месец од бременоста ја следеле тројца различни лекари на одделението за гинекологија.

OhridNews

Охриѓанка го изгубила бебето во петти месец од бременоста, семејството бара одговорност од лекарите