Како што информираат од локалната самоуправа, средства за оваа цел се издвоени од општинскиот буџет, а дополнителни средства се очекуваат и од министерството за транспорт и врски. Надлежното министерство ветило дека ќе додели 2 тони нафта за потребите на градежната механизација која ќе биде вклучена во чистењето на каналите во градската и вонградска средина.
Од локалната самоуправа потенцираат дека каналите навремено ќе бидат исчистени и со тоа нема да дојде до поплави по топењето на снегот.
Како што беше изјавено и од страна на Координативното тело за справување со настанатата состојба по обилните врнежи од снег, не се очекуваат поплави, преливање на реките, природните езера и акумулациите, поради најавениот пораст на температурите и топењето на снегот. По разгледувањето на хидролошката состојба на реките и природните езера, утврдено е дека нивоата на сите акумулации низ државата, езерата и реките се во минимална квота и според климатските услови во Македонија и според сегашната ситуација не се очекуваат поплави.