Сегашните простории на „Охридско лето“ кои со одлука на министерството за култура и се доделија на охридската библиотека, во текот на 2014 ќе треба да претрпат низа измени со цел создавање на неопходните услови за сместување на книжниот фонд на библиотеката.

Како што информира директорката на НУ библиотека „Григор Прличев“, Александра Белевска, согласно оодобрените проекти од надлежното министерство, во првата фаза  предвидени се зафати за изолација и заштита на просторот од влага, според сите светски стандарди.

Ќе се врши санација на подот и заштита од влага која доколку ја има би била погубна за книжниот фонд. Исто така мора да се постигне и потребна стабилност на просторот за да ја поднесе големата тежина на полиците на кои ќе бидат поставени книгите. Ќе се вршат и одредени градежни зафати и проширување на просториите, објаснува Белевска.

До 2015 треба да биде донесена и одлука дали во новододелените простории ќе се пренесе сиот книжен фонд на библиотеката или пак тие ќе бидат наменети за детското одделение.

Според одлуката на министерството, НУ „Охридско лето“  ќе се префрли во просториите кај некогашен „Путник“, кои неодамна и беа доделени на Библиотеката.

Т. К.