Во реката Црн Дрим веќе извесен период се испушта околу 2 до 2,5 кубни метри во секунда, што е на граница на потребниот минимум. Експертите посочуваат дека ова количество е доволно да се одржи природната рамнотежа во Дрим, кој исто така се соочува со недостаток на вода што негативно може да влијае на екосистемот.
Научните работници од Хидробиолошкиот институт од Охрид предупредуваат дека големите природни осцилации каква што е овогодинешната негативно се одразуваат како на живиот свет така и на градежните објекти во крајбрежјето. Тие сметаат дека со промената на климата и хидролошките услови треба да се изврши ревизија на билатералните договори помеѓу Македонија и Албанија со кои се регулира водостојот на Охридското Езеро. Од друга страна екепсрти од областа на хидрологијата предупредуваат дека секое поместување надолу на котите на Охридското Езеро ќе биде на штета на Македонија, поради што треба внимателно да се пристапи при евентуални разговори за регулирање на природниот минимум на Охридското Езеро.