Охридското Езеро, иако има гомема моќ на самопрочистување, и натаму силно е оптоварено со загадаувања кои доаѓаат од различни извори, предупредуваат екологистите. Притоките кои се влеваат во Езерото со себе носат големи количини опасни материи од производи и престициди кои се употребуваат во земјоделството, но и тешки метали од непреработените отпадни води кои наместо во систем за пречистување се испуштаат во реките. Покрај ова сериозна закана претставуваат и рудниците во сливот на Охридското Езеро кои се наоѓаат на албанска страна.
-Таму има вкупно 10 рудници за железо, хром и јаглен, 6 се во близина на околу два километри, а останатите се во сливот на растојание од околу десет километри и иако тие не работат останати се големи количества јаловина што постојано придонесува за загадување со тешки метали со испирање преку атмосферски води и загадување на подземните води. Тоа е постојана опасност која што го демне езерото и потребно е итно решавање на тој проблем согласно ЕСПО конвенцијата која ги опфаќа прекуграничните загадувања кои што ја тангираат и Република Македонија.- изјави Ѓоко Зороски од ЕД Грашница.
Стручњаците сметаат дека е крајно време од зборови да се премине на дела и да се покаже политичка волја како од македонска, така и од албанска страна за решавање на проблемот со загадување на Охридското Езеро.
– Конечно ќе треба на политичко ниво да ги донесеме одлуките на кои чекаме со години, што со притоките, како со колекторскиот систем и управувањето со цврстиот отпад, притоа имајќи ја во вид трансграничната компонента односно соработката со албанската страна.-смета Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридско Езеро.
Експертите посочуваат дека состојбата со квалитетот на водата во Охридското Езеро засега е стабилна, но според нив потребен е транспарентен мониторинг со цел релевантните податоци од мерењата да бидат достапни на јавноста, а пред се на институциите одговорни за заштита на животната средина кои треба да ги донесат потребните одлуки. Во иднина тие ќе можат да добиваат и многу попрецизни податоци за состојбата со квалитетот на водата во Охридското Езеро благодарение на најновата софистицирана опрема што ја доби Хидробиолошкиот институт од Охрид во рамки на заедничкиот проект со Универзитетот „Аристотел“ од Солун, која на научниците ќе им овозможи прецизно следење и на најмалите промени и загадувања во Езерото.
Апаратурата која неодамна беше презентирана на јавноста ќе обезбедува прецизни анализи за квалитетот на водата, нејзините билошко – хемиски својства, за присуство на фосфати, нитрати, односно сите нејзини состојки, како и информации кои се корисни за човекот за квалитетот на водата која ја користиме за пиење или рекреација.
Г.М.