За десетина дена треба да завршат градежните активности во поткровјето на охридската Гимназија, а следната година ќе продолжат и другите активности. Веќе е изработен проектот за реконструкција на фасадата со кој ќе се аплицира до Министерството за култура, а нарачан е и проектот за реконструкција на спортската сала. Ова беше посочено на денешната седница на Советот на Општина Охрид како одговор на советничкото прашање поставено од советникот Јован Крлев.

Дали Гимназијата е спремна зошто гледам сеуште се изведуваат работни активности? Има ли извршено стручна проверка на објектот? Има ли официјален записник и потврда дека објектот е безбеден за учениците? Прашувам конкретно дали е безбедно и кога конечно ќе биде целосно завршена Гимназијата?, рече Крлев.

Градежни работи се изведуваат само во самото поткровје, додека останатиот дел од просториите, во моментов се 20 училници во функција и има нормална настава, објасни Јоне Станкоски од Сектор за јавни дејности.

Најкасно, еве денеска сме 30-ти, за 10-тина дена во самото поткровје ќе завршат сите градежни активности, градежните активности коишто произлегоа и излегоа како непредвидени работи во поткровјето, каде што не се изведува никаква настава, ќе завршат најкасно до 10-ти октомври. Мајсторите викаат 5-ти октомври, меѓутоа ние даваме уште една недела дека до тој период ќе се излезе комплетно надвор од Гимназијата. ​Додека кровот, оној дел што е потребно е направен, се очекува само оловото коешто изведувачот го има нарачано и очекуваме исто до овој октомвриски период да биде монтирано, истакна Станкоски.

Во однос на безбедносниот аспект, посочи дека не треба воопшто да се размислува во правец дека е небезбедно за учење.

Предниот дел е затворен затоа што се користи задната врата поради безбедносни причини и се додека не го затвориме, односно не се направат кубињата, тој дел тука ќе биде ограден. Така да, гимназијата добива нов лик којшто заслужува. ​Следната година ќе продолжиме и со други градежни активности, додаде Станкоски.

Н.С.Ј.