На конкурсот за избор на директор на фестивалот „Охридско лето“, што го распиша Министерството за култура се пријавиле десеттина кандидати.

Посебно ни е драго што бројот на пријавените кандидати на конкурсот за избор на директор на феставалот Охридско лето е значителен, бидејќи очекуваме квалитетни програми и квалитетни кадровско-менаџерски решенија. Постапката согласно Законот за култура е следната – министерот за култура ги разгледа пристигнатите програми, па потоа одлучува дали има кандидат кој понудил соодветна програма за развој на манифестацијата. Ако тоа не е случај, односно ако не е понудена соодветна програма, согласно Законот за култура се распишува нов конкурс. – информираат од Министерството за култура.

Како што е познато, меѓу пријавените има и неколкумина охриѓани. Локалните медиуми шпекулираат со имињата на Васко Ложанкоски – вработен во локалната самоуправа и поранешен гласноговорник на екс-градоначалникот Никола Наумов, Наташа Спасеска, поранешен портпарол на ВМРО ДПМНЕ и сопственик на приватна фирма, како и Јованчо Секуловски, вработен во Царина и поранешен портпарол на ВМРО ДПМНЕ. Се спомнуваат и имиња на новинари, но и на личности кои не се многу експонирани во јавноста. Меѓу пријавените има и лица кои не се од Охрид.

OhridNews