Извештајот за работата на советот не го исполнува критериумот на траснпарентност и ги содржи само дневните редови на седниците, е ставот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, во врска со предлог одлуката за извештајот за работата на советот во 2010 година, една од точките по кои се расправаше на денес одржаната, триесетта по ред, седница на советот.


 Според Дејан Паноски, координатор на советничката група, извештајот треба да ги содржи и активностите на советниците кога тие го претставуваат советот во земјата и во меѓународна рамка. – За нас извештајот е неприфатлив затоа што сметаме дека многу повеќе се работи, одколку што е во него напишано, рече Паноски.

Претседателот на советот, Душко Јаковчески, појасна дека поради големиот број активности кои ги имаат советниците, невозможно е тие да се содржани во извештајот. – Се договоривме со извештајот за 2011 да се опфатени поважните активности, рече Јаковчески. Со мнозинство гласови извештајот беше усвоен.


Во однос на точките на дневен ред кои се однесуваа на извештаите за реализација на програмите за уредување за градежно земјиште, изведба и реконструкција на локални патишта и улици, како и нивно одржување и заштита, ставот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ е дека од аспект на комуналните дејности и инфраструктурата има минимална реализација. – За одредени делови од програмата реализацијата е нула, а за мал дел од нив  процентот на реализација е 20 или 30%, што значи паѓаат во вода самопофалбите дека локалната е најдобра и интервенира насекаде. Постои реален проблем, затоа што локалната не ги исполнала програмите кои сама си ги зацртала. При тоа зборуваме за проектите кои беше планирано да се финансираат од општинскиот буџет, велат од советничката група на ВМРО- ДПМНЕ.

Објаснувањето од страна на советникот на градоначалникот, Зоран Шикалески, беше дека со реализацијата на поголем број од проектите од областа на инфраструктурата се доцни поради тоа што владата не ги префрлила парите кои и следуваат на општината. – Од над 25 милиони денари кои ни следуваа, ни доделија само 7 милиони за оваа намена, истакна Шикалески.


Советниците ги изгласаа измените на одлуката за извршување на општинскиот буџет за 2011, извештајот за реализација на програмите за изградба на системи за одведување и прочистување на отпадни води и изградба на системи за водоснабдување за 2010, извештаите за реализација на програмата за други комунални услуги и изградба на сообраќајна сигнализација за 2010, извештаите за реализација на програмата за јавно осветлување и работењето на Одделението за даноци и комунални такси и секторот за јавни дејности. Го усвоија и извештајот за реализација на Програмата за изработка на урбанистички планови,  програмата за поддршка на локалниот економски развој, програмата за поттикнување на развојот на туризмот, како и акциониот план и програмата за управување со бучавата во општина Охрид.

OhridNews