За инвестиции во ОСУ „Свети Климент Охридски“ во Развојната програма за капитални инвестиции на Општина Охрид во областа на средното образование предвидени се 20.500.000 денари во 2023 година и 12 милиони денари во 2024 година, информираше градоначалникот Кирил Пецаков при увидот на активностите кои се во тек во училиштето.

Обезбедувањето на подобри услови за одвивање на наставата во овој училишен објект се врвен приоритет на Општина Охрид и покрај сложените законски процедури за обезбедување на потребната документација, со оглед на фактот дека се работи за објект кој е категоризиран како Споменик на културата, вели Пецаков.

Од страна на Општина Охрид, информира, изработени се проекти за уредување на дворот на гимназијата и реконструкција на дворната ограда и за истите добиено е потребното мислење и одобрение од Завод и музеј, а во тек е тендерска постапка за избор на изведувач.

Општина Охрид има добиено конзерваторско одобрение и на проектот за реконструкција на внатрешните ѕидови и подови. Изработена е целокупната документација и аплицирано е во Министерството за транспорт и врски за добивање на одобрение за реконструкција. Дополнително, се подготвува и проект за електрика и машинство, со кој треба да се утврди типот на греење, со кој е најдобро да се затоплува училишниот објект, вели Пецаков.

Во моментов во училиштето се изведуваат градежни зафати за реконструкција на училишните тоалети, а се работи и на адаптација на неколку простории во поткровниот дел на објектот, кои ќе бидат наменети за кабинетска настава.

Во текот на 2022 година за градежно-реконструктивните зафати во објектот на гимназијата се вложени 2,5 милиони денари од општинскиот буџет. Исто така, набавен е училишен инвентар по сите најсовремени стандарди. Се работи за 150 клупи и 300 ергономски столчиња кои веќе се ставени во употреба за учениците, со што значително се подигнати условите за одвивање на наставата, додава Пецаков.

OhridNews