Советот на Општина Охрид пред почетокот на 19-та седница, вчера одржа уште една седница на која беа донесени четириесетина урбанистички планови кои се носат со локална урбанистичка планска документација. Седницата за која медиумите не беа известени и не присуствуваа на истата, според советничката група на ВМРО ДПМНЕ претставува грубо кршење на демократијата.

За оваа советничка група симптоматично е зошто седницата се одржа далеку од очите на јавноста, што според ДПМНЕ е преседан. Локалната урбанистичка планска документација беше усвоена без гласовите на опозицијата во советот.

За локалната самоуправа нема ништо спорно во процедурата затоа што се работело за продолжение на расправата од претходната седница која беше прекината. Општината реагира на начинот на кој одредени медиуми ги пласирале информациите за продолжението на седницата.

– Известувајки од вчерашната седница на Советот на општината, дел од медиумите се поведоа по произволно интерпретирано прашање на еден советник, па дали само заради тоа или заради непознавање на термините УТВРДЕН Дневен ред, СЕДНИЦА и ПРОДОЛЖЕНИЕ на седница, ја дезинформираа јавноста пласирајки информации дека „ Локалните урбанистички плански документации (ЛУПД) се носат без присуство на јавноста“, дека „вчера се одржала фантомска седница“ или „дека јавноста не била информирана за донесувањето на Локални урбанистички плански документации“.
Дневните редови по кои Советот ги одржува седниците се утврдуваат на почетокот на самата седница. По утврдувањето на дневниот ред за седницата (после евентуални измени и дополнувања на претходно ПРЕДЛОЖЕНИОТ), нема нови точки односно предлози, се вели во соопштението на локалната самоуправа.

Во истото понатаму се наведува дека  не е точно оти „се држела тајна седница“ или „седница кришум од јавноста“ туку  дека вчера се одржа продолжение по точките од УТВРДЕНИОТ дневен ред на 27.мај.

– Дали некои медиуми патат од кусо помнење или свесно ги извртуваат работите – е прашање за нив. Но, прашање на кое и’ должат одговор на јавноста, е и тоа зошто ниту еден медиум или новинар не присуствувал до крај на претходните 4-5 седници на кои исто така се носеа одлуки за ЛУПД, туку им засмета само оваа седница? Општинската администрација транспарентно информира и ги поканува за секоја седница медиумите и јавноста, а дали новинарите ке ја напуштат седницата на почетокот или нема да присуствуваат воопшто, е одраз на нивниот интерес и поимањето на должноста за точно информирање.-се вели во реакцијата на портпаролот на Општината Никола Меневски.

OhridNews