На полноќ заврши рокот за поднесување на кандидатурите за градоначалници и советнички листи од страна на политичките партии и независните кандидати. Како што информираат од Општинската изборна комисија, во општина Охрид поднесени се три кандидатури за градоначалник и пет за советнички листи.
Доколку од ОИК се одобрат кандидатурите, во трката за градоначалничката функција и официјално влегуваат кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ- Митко Тилевски, Јован Стојаноски од СДСМ и независниот кандидат Стевчо Стевовски.
Поднесени се и пет листи за советници: од СДСМ и Коалицијата, од ВМРО ДПМНЕ и Коалиционите партнери, од Коалицијата ДУИ, Алијанса за Албанците и БЕСА, една од ДПА, како и од група избирачи каде носител е Љупчо Настоски.
Сега Општинските изборни комисии (ОИК) во рок од 48 часа треба да ги утврдат кандидатурите и да ги одобрат, ако има пропусти треба да ги вратат на докомплетирање, а поднесувачите на листите ќе имаат 48 часа да ги отстранат неправилностите. Ждрепката за редоследот на избирачкото ливче треба да се одржи на 18 септември.
Кампањата ќе започне за десет дена (25 септември), а гласањето е закажано за 15 октомври. Изборите ќе се одвиваат во 80 општини и во Градот Скопје.
OhridNews












