Капетанијата на пристаништа – Охрид во периодот јануари – август годинава извршила инспекциски надзор врз 106 пловни објекти кои учествуваат во внатрешната пловидба во Република Македонија.


Од нив, како што соопшти денеска Капетанијата на пристаништа, 103 пловни објекти се од категоријата „чамец“, а три се од категоријата „бродови“. Извршени биле и 28 контроли при што се поднесени осум пријави за сторени прекршоци и биле пријавени две незгоди.


Во истиот период биле впишани 92 нови пловни објекти во категоријата „чамци“, од кои 36 се глисери, а 11 скутери. Потврдена била и способноста за пловење на 211 постојни пловни објекти. Со Уверение за способност за управување со чамец се стекнале 116 лица.

Сопствениците на регистрираните пловни објекти се должни регистарската ознака да ја испишат на двете слободни страни на прамецот на пловниот објект, а доколку тој има име, тоа треба да биде испишано на неговите две слободни страни на крмата на чамецот. Регистарската ознака на едрилица се впишува на највидливата внатрешна страна на трупот на едрилицата, стои во информацијата од Капетанијата.

За зголемување на безбедноста во водениот сообраќај и поголемо едуцирање на учесниците во внатрешната пловидба, Капетанијата на пристаништата-Охрид дистрибуира едукативни летоци до сопствениците и корисници на пловни објекти наменети за спорт и рекреација заради поголема заштита на луѓето, материјалните добра и човековата околина како и правата и обврските во делот на почитување на Законот за внатрешна пловидба.

Ohridnews