За да ја подобрат конкурентноста на земјоделското производство, да ја поттикнaт економската активност во руралните средини и да ги зголемат можностите за вработување, охридските земјоделци треба да покажат поголем интерес за искористување на поволностите кои што ги нуди ИПАРД програмата.
Од Подрачната единица на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Охрид информираат дека во моментов тече Јавниот повик за три мерки од оваа програма, а најинтересна за охридските земјоделци е мерката 101 односно „Инвестиции на земјоделските стопанства со цел нивно преструктуирање и надградба за достигнување на стандардите на Европската Унија“.
-Тука поконкретно станува збор за набавка на трактори и приклучна механизација и обновување на овошни и лозови насади. Значи земјоделецот треба да има некој стар насад од 25 или 30 години и ако сака да го откорне може да го обнови со средствата од оваа програма. За да аплицира за оваа мерка земјоделецот треба да поседува овоштарник или лозов насад со минималната површина од 3.000 метри кавдратни, а во делот на градинарските култури треба да има минимална површина од 2.000 метри кавдратни, вели Билјана Ѓорческа, Советник за организација во подрачната единица на АПРЗ во Охрид.
Според неа документацијата за аплицирање не е обемна, но потребно е да се обрне внимание на некои важни детали.
-На пример доколку се аплицира за средства во делот на овоштарство или лозарство, многу важно е во документацијата која ја приложува земјоделцот да има имотен лист од обработливото земјиште кое во катастарската евиденција се води како овоштарник односно лозје. Значи во документацијата за оваа мерка не се прифаќа земјиште кое се води како нива. Токму поради тоа земјоделците треба да поднесат барање до Агенцијата за катастар и да направат пренамена на култура, појаснува Ѓорческа.
Освен оваа мерка, од ИПАРД програмата достапна е и мерката 103 -„Инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделските и рибните производи со нивно преструктуирање“ како и мерката 302 -„Диверзификација и развој на руралните економски активности“.
-Третата мерка во суштина е мерка за поттикнување и развој на рурален туризам. Таа им овозможува на оние лица кои сакаат да ги обноват старите куќи во селата, да може да искористат средства од оваа програма. Но за жал засега во општините Охрид и Дебрца е невозможно да се аплицира за овие средства, бидејќи не е донесен Детален урбанистички план по селските населени места, па граѓаните не ја поседуваат потребната документација кој се бара во согласност со условите на оваа мерка, вели Ѓорческа.
Таа информираше дека до сега одржале голем број информативни средби со земјоделците од Охридскиот регион, со цел да ги запознаат со начинот на кој може да аплицираат за мерките од ИПАРД програмата. Инаку крајниот рок за аплицирање за средства од оваа програма истекува на е 10-ти декември 2014 година.
Е.М