На посетителите на турбето на турскиот великодостојник Синан Челеби на Плаошник, нема да им се наплаќа влез. Ваква одлука донесе Заводот и Музеј Охрид, по барање на здружението „Синан Челеби“ и други граѓански асоцијации.

-По информацијата дека е воведена наплата на Плаошник, на средба со одговорните во Завод и Музеј побаравме да се прекине наплатата за посетителите на турбето на Синан Челеби и истовремено да се постави информативна табла на македоснки и англиски јазик пред влезот на локалитетот, на што позитивно ни беше одговорено, изјави Хавза Реџеп Каќел, од здружението „Синан Челеби“.


Како што информираат од ова здружение, на терен веќе се применува одлуката на Заводот и Музеј, односно не се врши наплата на влез за посетителите на турбето на Синан Челеби, а се очекува во најбрз можен рок да биде поставена и информативната табла.

Наплатата на влез во локалитетот Плаошник беше воведена пред почетокот на туристичката сезона, со напомена дека на верниците кои го постуваат храмот на МПЦ Св. Пантелејмон на Плаошник за време на богослужба, нема да им се наплаќа. Од неодамна таква привилегија имаат и муслиманските верници кои го посетуваат турбето на Синан Челеби.

OhridNews