Пратениците кои ја бојкотираат работата на Собранието од овој месец ќе земаат една третина од платата која им е исплатена во последниот месец. Одлуката била донесена на координација кај претседателот на Парламентот Трајко Велјановски, одржана на 31 декември2012 година.
– Согласно законските одредби, пратениците кои ја бојкотираат работата на Собранието, односно пратениците од СДСМ, НСДП, ЛП, ПЕИ, СЛ и од НДП, како и други пратеници дел од нивните пратенички групи, почнувајќи од 01.01.2013 година ќе земаат плата во висина од една третина од платата која им е исплатена во последниот месец, се додека ја бојкотираат работата на Собранието на Република Македонија, се вели во соопштението од Собранието.
Ако пратеничката плата е околу 1.000 евра, со намалувањето на платата, овие пратеници ќе земаат околу 350 евра.
Освен ова, на координацијата било договорено правен тим да ги документира сите случувања на 24-ти декември и да биде утврдена одговорноста за случувањата кои го нарушија угледот на Собранието на Македонија.
– Собранието ќе направи и попис на штетата предизвикана при опструирањето на работата на Законодавно-правната комисија, узурпирањето на фоајето пред Сала 1 на 23-ти и 24-ти декември, како и при недоличното однесување во пленарната сала на Собранието на 24-ти декември, кога како последица на непримерно однесување на пратениците од опозицијата беше нанесена и поголема штета на системот за гласање, мониторите на претседавачката маса, озвучувањето, како и на севкупната техника која овозможува нормално функционирање и реализирање на една пленарна седница“ се вели во соопштението.
Makfaks












