Како што денес информира министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, во рамки на акцијата Еразмус и полициската акција што започна вчера на економскиот факултет во Скопје, поднесена е кривична пријава против осум лица на возраст од 29 до 65 години, од кои шестмина професори на „Економски факултет“ Скопје, еден демонстратор и сопственикот на бифето кое функционира во факултетот. Тие се товарат дека сториле повеќе коруптивни дела како „примање поткуп“, „примање награда за противзаконито влијание“ и „давање поткуп“. Петмина од осомничените, меѓу кои поранешниот декан и професор по менаџмент Бобек Шуклев, изведени се пред судија на претходна постапка.

Пријавените во текот на 2015 и 2016 година, заради стекнување на противправна имотна корист, ја искористиле својата службена положба на начин што од студенти на „Економскиот факултет“ Скопје, директно или индиректно барале парични средства за да во рамките на своите службени овластувања извршат дејствија што не би смееле да ги извршат, односно да им овозможуват на истите да се стекнат со преодна оцена по предметите кои тие ги предаваат, без притоа студентите да покажат соодветно знаење.

Осомничените во повеќе случаи за кои се обезбедени докази, барале различни суми од студентите кои се движеле од 500 до 1000 евра. За сметка на добиените пари, тие им впишувале преодни оцени кои не ги заслужувале, а документирани се и случаи каде оценка добиле студенти кои или немале право да полагаат или пак воопшто не го пријавиле испитот во испитната сесија. Во некои од случаите шемата била разработена така што сопственикот на бифето поткупот во вид на парични средства го земал директно од студентите, а потоа го предава на асистентот, за истиот да ги даде на професорите со цел истите во индексите на студентите да впишат преодна оценка 6 за предметите кој ги предаваат и покрај тоа што истите не го поседуваат потребното знаење за положување на испитот.

На овој начин биле впишувани преодни оценки по предметите:  „Основи на економија“ и „Основи на сметководството“, „Математика за економисти“, „Статистика за бизнис и економија“, „Економика на претпријатија“ и предметот  „Менаџмент на мали бизниси“.

Во рамки на акцијата извршен е претрсе на домови, професорски кабинети со седиште на „Економски факултет“, како и во простории на бифето на факултетот и студентските прашања при „Економски факултет“ Скопје.

OhridNews