Еден од најубавите угостителски објекти на охридската ривиера, хотелот „Гранит“  е единствениот во Македонија кој по теркот на светските хотелски брендови од годинава во својата понуда вклучува и „ол инклузив“ (се вклучено) аранжмани, наменети за холандските гости. Аранжманите за јули и август, преку холандскиот партнер, тур операторот ТУИ, се веќе распродадени. Во тек е продажбата и на аранжманите за мај , јуни и септември.

Иницијативата да се понудат овие аранжмани потекна од самите гости од земјите на Бенелукс кои престојуваа во нашиот хотел изминатите сезони. По разговорите со холандскиот тур- оператор одлучивме и ние да воведеме ваква понуда која во светот со години се користи. За таа цел ќе имаме и нови содржини како што се нови шанкови, ресторани, дополнителни тераси, кои ќе функционираат од 10 часот наутро до 10 часот навечер, вели директорот на хотел „Гранит“ Перо Кутаноски.

Првите гости од земјите од Бенелукс се очекуваат на крајот на месец април. Како што информира претседателот на ХОТАМ, Дончо Танески, интересот на гостите за летување во Охрид е голем.

Заклучно месец јануари продажбата на аранжманите и бројот на резервации е многу поголем за разлика од минатите години. Годинава очекуваме над 20.000 гости од Австрија, Белгија и Холандија, вели Танески.

Претседателот на ХОТАМ потенцира дека проблемите кои се провлекуваа во текот на минатата година околу исплатата на   државните субвенции за реализираните аранжмани се надминати. Комуникацијата со Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот е добра, што овозможува и тековно решавање на проблемите кои се јавуваат, потенцира Танески.

Т. Кувенџиска