Да не се уништува природата, да се води грижа за човечките ресурси, да се зборува за туризам доколку е економски одржлив. Ова се само дел од стандардите за туризам изработени од страна на Светската организација за туризам, подоцна вклучени и во критериумите од Советот за одржлив туризам.

 

Денес, овие стандарди за прв пат беа презентирани во Охрид и Македонија, која од оваа година станува членка на Советот за стандарди за одржлив туризам.

Тоа се стандарди кои се однесуваат на еколошката, економската и социолошка одржливост на една дестинација и не само дестинација, туку и на приватни чинители и јавни институции. Приватните затоа што можат да покажат економска одржливост и така стануваат конкурентни, а дестинациите се одржливи тогаш кога носат политики кои преферираат одржлив  развој на туризмот, објаснува Елена Иванова од Свис контакт, швајцарската агенција за развој и соработка, која пред туристичките работници од Охрид и други општини ги претстави стандардите.

Како што додава Иванова, целта е по претставувањето на стандардите, да се изврши и идентификување на насоката во која ќе се продолжи за нашите дестинации да станат одржливи.

На денешната средба со различни претставници од туристичкиот сектор сакаме да го слушнеме мислењето за нивните предизвици и можности. Подоцна ќе ги комбинираме нивоата на можности и ќе предложиме некои правци за туризмот во Охрид, порача Михи Канг консултант од Светскиот совет за одржлив развој.

„Некои субјекти од туризмот можеби имаат своја стратегија и критериуми. Ние ќе предложиме кој вид на правци треба да ги преземат.Тоа ќе е процес кој треба да се постигне, но не може веднаш. Ќе предложиме каде да се стави прво приоритет,“ напоменува Канг.

Во наредниот период ќе се врши и проценка на дестинација за да се види каде е Македонија со цел да се дадат препораки во која насока понатаму да се развива.
Стандардите се изработени во 2005 година од Светската организација за туризам, а подоцна во 2009 е формиран Совет за одржлив туризам кој подготви вкупно 42 критериуми.

OhridNews