По повод големиот православен празник ,,Божиќ”, кога се слави раѓањето на Господ Исус Христос, Македонската Православна Црква за прв пат, во Охрид, ќе организира Литија за ,,Бадниково навестување за раѓањето на Христос”. Според планираното, литијата во која ќе учествуваат од 120 до 150 дечиња ќе се одржи на Бадник,  6-ти јануари 2014 година.

Литијата ќе започне во 9 часот пред храмот ,,Св.Георгиј“ и ќе продолжи по улицата ,,Јане Сандански“, каде благодарение на поддршката од СВР-Охрид, сообраќајот ќе биде запрен. Потоа движејќи се кон брегот на Охридското Езеро и низ кејот, литијата ќе се упати кон самиот плоштад. Тука децата ќе бидат пречекани од градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, кој заедно со група верници ќе им дарува подароци.

Понатаму, литијата ќе помине и низ Охридската чаршија се до храмот ,,Успение на пресвета Богородица-Каменско“, каде што на децата ќе им биде организиран пречек и ќе има бидат поделени крстиња за благослов. На крај, целиот овој свечен настан ќе заврши со заедничка молитва во храмот.

-Целта на литијата е заживување на старата изворна и духовна традиција за прослава на овој празник. Дечињата кои ќе бидат дел од литијата се своевидна преслика на ангелите кои со пештерата на раце симболично ќе го навестат раѓањето на Синот божји, пеејќи ја некогашната стара коледарска песна ,,Вечниот Бог’’, вели свештеникот Димче Азески, старешина на храмот ,,Успение на пресвета Богородица-Каменско“.

Тој се надева дека организирањето на оваа литија ќе прерасне во една убава традиција за Охрид.

OhridNews