Значаен исчекор во примената на современите технологии во ортопедијата е направен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид. За прв пат во оваа здравствена установа успешно се изведени три роботски асистирани операции за вградување ендопротеза на колено кај пациенти од регионот.

Интервенциите ги изведоа комбинирани тимови од болницата, предводени од проф. д-р Константинос Макридис од Грција.

Во тимот учествуваа ортопедите д-р Огнен Шешоски, д-р Атанас Поп-Стефанија, д-р Александар Стевоски, д-р Стефан Бакаловски и д-р Дамјан Танески, анестезиологот д-р Александар Веслиевски и инструментарките Јулијана Николеска Целеска и Наташа Иваноска.

Со изведувањето на првите три интервенции, од болницата посочуваат дека „Св. Еразмо“ станува пионер во примената на роботската ендопротетика.

Роботски асистираната артропластика на колено претставува современ пристап при кој роботската технологија му помага на хирургот во планирањето и прецизното изведување на одредени фази од операцијата, особено при позиционирањето на имплантот и воспоставувањето на соодветната оска на коленото. Роботот не го заменува хирургот, туку служи како алатка која овозможува поголема прецизност при интервенцијата.

Првите три роботски асистирани интервенции претставуваат ново поглавје за охридската специјализирана болница и чекор кон воведување на современите достигнувања во ортопедската хирургија во третманот на пациентите од регионот.

Г.М.