Во организација на Агенцијата за вработување на Република Македонија, во петок на 14-ти ноември 2014 година во Спортскиот центар „Билјанини Извори“ во Охрид за првпат ќе се организира Саем за вработување. Со овој настан ќе бидат опфатени работодавачи од приватниот сектор, невработени лица, ученици и студенти од Охрид, Струга, Кичево и Македонски Брод. Освен нив, презентација на саемот ќе имаат и владини институции како и организации од невладиниот сектор.
Од Агенцијата за вработување на Република Македонија велат дека саемот за вработување претставува можност за директно поврзување на работодавачите и лицата кои бараат работа.
-Работодавачите ќе имаат можност да ја презентираат својата дејност, условите за работа и за вработување, потребите од работна сила и своите развојни планови. За таа цел на располагање ќе имаат бесплатни штандови, каде ќе можат да ги постават своите рекламни материјали. Исто така, ќе имаат можност и да остварат директен контакт со заинтересираните посетители, кои ќе можат да остават свое CV, да дискутираат за прашања од нивен интерес и слично, информираат од Агенцијата за вработување.
Оттаму објаснуваат дека на сопствен трошок компаните ќе може да организираат кратки видео презентации кои електронски ќе се прикажуваат на екрани, а постои можност на просторот пред спортскиот центар да ги претстават и сопствените работни машини.
-Како посебна активност во рамките на настанот ќе се организираат и Форуми со работодавачи, на кој ќе бидат презентирани услугите и можностите за вклучување во активностите на Агенцијата за вработување, а работодавачите ќе можат да поставуваат прашања, но и да даваат свои предлози, низ интерактивно учество во дискусии кои се однесуваат на пазарот на трудот и вработувањето во државата, појаснуваат од Агенцијата за вработување, додавајќи дека овој настан значително ќе придонесе за поголема промоција на компаниите во Југозападниот регион, а воедно ќе овозможи продлабочена взаемна соработка, како со Агенцијата за вработување, така и со другите физички и правни лица кои ќе присуствуваат на настанот.
OhridNews