За реализација на Програмата за развој на туризмот за 2013 година за поддршка и развојот на туристичката дејност на Владата, оваа година предвидени се 2,5 милиони евра, што е два и пол пати повеќе од минатата година, кога за истата намена беа потрошени 1 милион евра.

-Програмата за развој е пред се наменета за ефикасна и конкретна поддршка на промотивните активности за туристичкиот развој на државата, поттикнување на инвестициите во туризмот, презентација на Република Македонија како поволна и интересна туристичка дестинација, анимација на странските туристи за остварување на посети на земјата, развој на туристичките гранки, овозможување подобра и поефикасна туристичка понуда, како и директна финансиска поддршка за привлекување на странски туристи преку субвенционирање на туристичките агенции кои носат странски туристи во земјата, информираат од Владата.

Исто така, Владата одлучи да ја зголеми сумата за субвенции за привлекување на странски туристи и од минатогодишните 800.000 евра за оваа намена, во 2013 година за оваа цел се определени 1 милион евра.

За поддршка на конвенционални промотивни активности се предвидуваат 53 милиони денари кои ќе бидат наменети за подготвување, печатење и дистрибуција на печатен промотивен материјал, uчество на туристички саеми, организирање на презентации и средби со странски туроператори и друго.

Оваа година потенцијалите на Република Македонија за привлекување на странски туристи, организирано ќе бидат презентирани и промовирани на 18 дестинации, и тоа на големи саемски манифестации од областа на туризмот, како што се саемите во Москва, Виена, Хелсинки, Утрехт, Софија, Тирана, Истанбул, Белград, Варшава, Брисел, Милано, Гетеборг, Познањ и Берлин, како и специјална промоција на саеми и останати манифестации во Индија, Кина, Јапонија и САД, со што владата  очекува зголемување на свесноста на странските туроператори за нашата земја, што би резултирало и со зголемени посети.

За активности за електронска промоција, односно промоција преку нови медиуми и интернет, во кои спаѓаат активно користење на веб портали и веб страни и користење на интернет социјални мрежи и промоција на веб пребарувачи се издвојуваат 5 милиони денари.

За специфична промотивна активност насочена кон транзитните патници кои циркулираат во земјата одејќи кон друга дестинација, активност што опфаќа организација на делење на флаери на гранични премини и креирање на дополнителна туристичка понуда по должина на главните патни, правци се наменуваат 3милиони денари.

За активности за поддршка на туризмот ќе бидат одвоени 19 милиони денари.

-Со оваа значителна вкупна финансиска поддршка на активностите за промоција на туризмот од 148 000 000 денари, се очекува дополнително унапредување на условите за развој на туризмот, зголемен прилив на странски туристи и врз основа на тоа зголемен девизен прилив за земјата, користење на потрошувачката моќ на странските туристи за контрибуција на останатите економски сфери, како и обезбедување на егзистенција за домашните компании и граѓани, и отворање на работни места во туризмот и дејностите кои имаат корелација со туризмот како основна гранка.-велат од Владата.

OhridNews