Државната изборна комисија денеска го утврди редоследот за настап на коалициите и партиите на гласачкото ливче за предвремените парламентарни избори на кои ќе се тркаат пет коалиции и девет партии.

На избирачкото ливче со бројот 1 ќе настапи коалицијата предводена од СДСМ, под број два ќе биде ДПА, број три Достоинство, број 4 ДУИ, со број 5 е коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Под број 6 е НДП, НДМ го доби бројот 7, ГРОМ – 8, со број 9 е АПМ, ВМРО-НП го доби бројот 10, СДПМ е 11 на листата, ПЕП 21 е под реден број 12, ПДП – 13 и ПЕИ настапува под број 14.

Во изборната единица каде нема да има свој претставник, соодветниот број на подносителот на листата ќе биде изоставен, а на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител без оставање празно место. Листите на кандидати предложени од коалиција предводена од една иста политичка партија, без разлика на бројот на политичките партии во коалицијата во различни општини односно изборни единици, имаат ист реден број во сите општини, односно во сите изборни единици.

Најдоцна до утре ДИК треба да го достави избирачкиот список до политичките партии, кои имаат рок од пет дена до Комисијата да испратат барања за запишување, дополнување и бришење податоци. ДИК треба да го потпише заклучениот Избирачки список најдоцна до 17 април.

Комисијата за верификација на фактите вчера потврди дека на листите на пратеници нема соработници со тајните служби.

Кампањата за предвремените парламентарни избори започнува на 5 април, а поради првиот круг од претседателските избори ќе биде прекината на 12 и на 13 април.

OhridNews
извор:Макфакс“