Секогаш кога темата правда е на дневен ред во Собранието ВМРО-ДПМНЕ е нервозна, деструктивна, прави тензии а сега дури се обиде да испровоцира и физичка пресметка. Тоа е така затоа што ВМРО-ДПМНЕ жестоко ги брани криминалците на режимот и секогаш ама секогаш е против функционален судски систем.

Ова стои во реакцијата на владејачката СДСМ по повод инцидентот на седницата на Комисијата за европски прашања, каде дојде до физичка пресметка на претседавачот Арбер Адеми од ДУИ и пратеници од опозциската ВМРО ДПМНЕ и Алијанса за Албанците.

Проблемот со недостаток на судии ВМРО-ДПМНЕ не сака да се реши само за да се намали ефикасноста на судскиот систем и во надеж дека тоа ќе значи забавување на предметите кои директно водат до Белиот дворец. Затоа ВМРО-ДПМНЕ од петни жили се труди да ја блокира Собраниската комисија, да не се продолжи мандатот на судиите и така да се забават судските предмети. Антонио Милошоски, за кого има веќе неколку предмети, е главен иницијатор на тензиите во Собранието, можеби затоа што лично е засегнат. Ако досега не му беше јасно на ВМРО-ДПМНЕ треба да му стане јасно, никој нема да побегне од правдата. Бадијала се прават тензии, секој што се огрешил од законот ќе одговара! – порачуваат од СДСМ.

Реагираше и ДУИ, според која ВМРО ДПМНЕ и АА го бранат криминалот и употребуваат насилство во Собранието.

OhridNews