Од регионалиот одбор на СОНК велат дека штрајкот на вработените во основните и средните училишта во Охрид се одржал.

  • Штрајкот се спроведе во прва смена, настава немаше, беа реализирани само свечените приредби за првачињата, сепак тоа е нивно прво влегување во училишните клупи. Притисоци врз вработените немаше, вели претседателот на РЕгионалниот одбор на СОНК, Аце Речкоски.

Од друга страна министерот за образование, Адеми изјави дека е задоволен од првиот училишен ден кој минал во работна атмосфера.

  • Немам информација во колку училишта се штрајкува, но знам дека во добар дел првиот училишен ден се одвива на нормален начин, се организираат приредби и очекувам така и да продолжи, изјави министерот Адеми.

Тој го повтори ставот дека нема потреба и причина за штрајк кога Владата, како што рече, е силно ангажирана да го подобри статусот на наставниците, нагласувајќи дека од август 2018 до овој септември платите на наставниците се зголемени над 10 отсто со двете покачувања од по пет проценти.

Инаку, свеченоста по повод првиот училишен ден годинава во општина Охрид беше одбележан во ОУ „Ванчо Николески“ во Лескоец, каде присуствуваше и градоначалникот Константин Георгиески.

  • Ви порачувам драги ученици, максимално да ги уживате овие денови, бидејќи тие нема да се вратат. Од ова место би сакал да испратам порака и до родителите, да бидат стрпливи и истрајни, да се присетат на нивните денови кога биле деца, да се трудат децата да научат да ги користат своите “крила“ , а не да им ги сечат, зошто така и само така децата ќе бидат двигатели на овој свет со нивните прогресивни идеи. – истакна градоначалникот Георгиески.

Додаде дека во сите образовни институции е извршено реновирање и реконструкција и се подготвени за претстојната учебна година.

Во основните училишта наставата ќе ја следат 4610 ученици од кои 483 првачиња, додека во средните 1942 ученици.