
Според него, во првичната фаза на Проектот подобро би било Општината да аплицира до фондовите за енергетска ефикасност и намалување на емисија на гасови (ЦО2) кои се отворени во Обединетите Нации и преку грант средства да отпочне ваква активност со што првично ќе се увиди квалитетот на мерките, реалната висина на заштедата во еден пилот регион, што би довело до намалување на трошоците и идните обврски на Општина Охрид.
– Овие моменти би требало да ги продискутираме сериозно и тоа не само на политичко ниво, и врз база на сите анализи да донесеме одлука дали да дадеме зелено светло за новото светло”, наведува Паноски.
Предлогот на градоначалникот Александар Петрески, по пат на јавно- приватно партнерство да се инвестира во сменувањето на над 30.000 сијалични места во општината и поставување на диодни сијалици, беше ставен како точка на дневен ред на последно одржаната седница на советот. За предлогот ќе се одлучува на нејзиното продолжение кое дополнително ќе биде закажано. Како што беше потенцирано од страна на градоначалникот Петрески, со осовременувањето на уличното осветлување, значително би се намалиле трошоците. Односно, наместо досегашниите 3 милиони денари кои се плаќаат за улично осветлување, по реализација на проектот би се плаќале околу 500. 000 денари.

Согласно предлогот за финансирање и реализација на проектот, формираното Договорно ЈПП (Јавно Приватно Партнерство) би било во времетраење од 15 години, а се заснова по пат на договор помеѓу јавниот партнер- Општина Охрид и приватниот партнер.
Фирмата приватен партнер би се обврзала да го финасира проектот и да ја реализира целата замена во период од осум месеци од склучување на договорот за ЈПП. После тој период Општина Охрид би и плаќала на фирмата партнер еднакви месечни ануитети согласно пресметаните заштеди кои би се оствариле по замена.
Првата уплата би била после еден месец од комплетната инсталација на системот, односно од техничкиот прием на истиот.












