Авторот на оваа колумна е долгогодишен новинар во А1 телевизија и Радио Слободна Европа, работела во Радио Охрид и во други македонски редакции во странство.

 Нина Кепеска

“Да си подреден на другите е ропство,

подреденост на самиот себе е среќа”
Ману Смрити

Ако сте се родиле, живеете или по некоја случајност, животот ве  донел и населил во Охрид, актери сте на охридската судбина. Неа секој различно ја доживува. Има такви кои уживаат во охридската природна идила, горди се на богатата историска и културна ризница или задоволни со титулата “подобро прв во село отколку последен во град” .На другата страна се изгубените во малограѓанската меланхолија и претопени во конзервативното клише и неуспешните кои вината ја гледаат во малата средина. Има и такви кои се добро реализирани, снајдени во бизнисот и животот, забележани и докажани  и уште многу други категории луѓе од охридското секојдневие. Некаде помеѓу се тие кои токму во Охрид успеале да го пронајдат својот мир и баланс, црпат инспирација за битисувањето, кои се исполнети и задоволни од себеси и од животот.

Но сите тие, актерите на 365 дневната охридска приказна, главно можат да се поделат во две поголеми групи. Среќни и несреќни луѓе во  охридскиот микро космос. Ќе почнам со несреќните, затоа што како и да се мери, излегува дека тие сепак се побројни. Тие ќе ви речат, колку и да е човек оптимист, амбициозен и упорен, во Охрид успехот е ограничен.. Некои од нив запираат уште пред да се обидат да ги отворат вратите и сами да го проверат својот, но и капацитетот на пазарот. Други пак цврсто се држат за својата работа колку и да се незадоволни , само за да не останат и без неа, зошто за нова, нема шанси во мал град,ќе ви се пожалат. Нефлексибилни се тие што никако не прифаќаат каква и да е друга работа освен онаа за која учеле и трошеле за образување па и по цена цел живот да останат дома. Нема многу снаодливи, продорни и жилави,што е својствено за поголемите урбани средини. Ограничувањата во сите области, каде движењето по “локалните коловози” е пеш и со бавно темпо ги оставило поголемиот број од нашите охриѓани во тесен простор со ограничен маневар, од кој добар дел никако не можат да излезат. Оправданието повторно се бара во малиот град.

Каде се среќните? Тривијално би било да се рече дека нив ќе ги сретнете кога времето е сончево, излезени како се шетаат покрај езерскиот брег и уживаат во од Бога безрезерво истурениот земски рај. За задоволни се сметаат оние кои ги исполнува единствената можност под фреските на Света Софија да ги слушаат светските мајстори на музиката или да се восхитуваат на делата на врвните креативци во интензивното охридско културно живеење. Локалните фанатици ќе ви речат дека за ретките средби со светските уметници и нивните настапи,вреди да се живее во Охрид. За тоа некаде во “белиот свет”, би требало да платите многу повеќе за седиште далеку поназад. Со сето ова, не смее да се заборави и среќата што на многумина им ја дава тежината на историскиот,цивилизациски и културен плашт кој со милениуми го грее охридскиот крвоток.

И ако овие размисли влегоа во контекстот на вашите охридско-популистички анализи, логиката ја дисперзира најмалубројната, но за срека, сепак присутна група фиданки изникнати на охридските корени. Тоа се луѓето кои од Охрид ја црпат движечката витална енергија, и не дозволувајќи да се затрујат од мемливоста скриена во остриот воздух, успеале од овдешниот микро космос да се вивнат во квалитетните сфери на макро успехот. Вредноста на своите дела и живот, да ја преиспитаат според глобално поставените стандарди, покажувајќи ја на тој начин “апсурдноста” на можноста “њујоршкиот мега успех”  да се постигне во малиот изолиран Охрид, и тоа да се однесе на мегдан за вреднување на големиот глобален пазар. Таа сорта охриѓани најмногу ја сакам. Многу пати неразбрани и неприфатени поради различноста и авангардноста,  некогаш миленици, но често со етикети на ексцентрици, овие луѓе се допрени од лудата храброст животот да го тераат по свои правила, одејќи спроти ветрот, подредувајќи ги нештата на сопствениот усет за среќа. Ако мерка за среќата и успешноста е благиот вкус што во душата останува по сработеното, виденото и доживеаното, што ни се враќа назад како бумеранг, тогаш тоа е она што не ревитализира и што треба да не води многу понапред од видиците на овој микро космос. Да не пренесе преку оние мали светли точки, низ кои можат да се провнат само најсмелите, потковани со знаење, верба и умешност светот околу себе да го изградат без граници што гушат и според својата диоптрија. Или барем да се среќни на патот кон тоа.

“Чудно е колку малку ни е потребно да бидеме среќни,
 а уште почудно е што токму тоа малку ни недостасува”
     Иво Адриќ