Во понеделник на 30-ти јуни 2014 година истекува рокот за доставување на барања за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2014 година.

Според информациите кои се објавени на веб страницата на општина Охрид може да се види дека јавниот повик се однесува на две мерки од оваа програма.

Во првата мерка односно мерката 121 предвидени се средства за инвестиции за модернизација на земјоделските стопанства, набавка на добиток од признати организации на одгледувачи на добиток од Република Македонија, набавка на пчелни матици од регистрирано одгледувалиште, подигнување на нови лозови  и овошни насади и медоносна флора (фацелија, еводија и багрем) на нови површини и набавка на опрема за систем капка по капка за пченка и фуражни култури и бунари за наводнување.

Во втората мерка односно мерката 112 предвидени се средства за помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност.

Право на користење на овие средства имаат Земјоделските стопанства, запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно Законот за земјоделство и рурален развој.

Подетални информации заинтересираните  можат да добијат во Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид и Канцеларијата за административни работи и стручна поддршка на развојот на земјоделствотo во Охрид.

OhridNews