Со свеченост на која присуствуваа претставници на Владата, на локалните самоуправи од регионот, на концесионерот „ТАВ“ и бројни гости, официјално во употреба беше предаден реконструираниот аеродром „Св. Апостол Павле“.
Премиерот Никола Груевски по завршување на свеченоста истакна дека модернизираниот аеродром во Охрид ќе биде поголем магнет за туристите и дека јавното приватно партнерство со „ТАВ“ дава позитивни резултати.
-Придобивката од овој концесионер ќе биде поголема можеби и од самата инвестиција. Секогаш кога имаме 1 милион патници повеќе имаме најмалку 1000 вработени повеќе во самиот аеродром и најмалку 2000 нови вработувања во градовите во близина на аеродромот, што укажува дека сега имаме еден силен двигател повеќе во развојот на туризмот, рече Груевски, најавувајќи дека Владата ќе продолжи да го поддржува туризмот преку субвенции.
Одговарајќи на новинарско прашање, Груевски истакна дека договорот со турски „ТАВ“ ќе се обелодени но не прецизираше кога ќе се направи тоа.
-Договорот ќе се обелодени кога ќе му дојде време, рече Груевски.
Задоволство од реконструкцијата на охридскиот аеродром искажа и генералниот директор на аеородромите „ТАВ“, Мустафа Сани Шенер, кој најави дека за 3 до 5 години „Св. Апостол Павле“ ќе биде вистински туристички аеродром.
-Со субвенциите кои ги нуди Владата и со маркетингот кој ние го правиме во Европа се надеваме дека ќе се зголеми бројот на патници. За почеток ќе се воспостават летови до Лондон, а имаме најави за Холандија и Италија, како и за зголемување на бројот на летови на „Туркиш ерлајнс“, рече Шенер.
Тој истакна дека по реконструкцијата на воздушните пристаништа Македонија треба да очекува зголемување на авио компаниите кои ќе оперираат од и кон земјата, но и нови турски инвестиции, кои како што додаде, ќе дојдат со подобрувањето на условите на аеродромите.
Генералниот директор на аеродромите „ТАВ“ најави дека на 8-ми септември ќе биде завршена реконструкцијата на скопскиот аеродром, а дека компанијата ќе го гради карго аеродромот во Штип после 10 години.