Второто подготвително рочиште за предметот „Тврдина 2“ заврши со нова обврска која Судот му ја наложи на Специјалното јавно обвинителство, кое треба да се обрати до Дирекцијата за заштита на класифицирани податоци и до Министерството за внатрешни работи за дообјаснување околу барањето на ова обвинителство за судска употреба на доказите кои се сметаат за класифицирани информации во случајот, јавува „Макфакс“.
Следно подготвително рочиште е закажано за 13 март.
СЈО тврди дека не бара доказите кои сака да ги употреби во случајот да бидат декласифицирани, туку да може да ги видат и слушнат лица кои имаат обезбедено безбедносен сертификат.
На подготвителното рочиште беше утврдено дека една од адвокатите на обвинетите Јована Тасевска нема безбедносен сертификат, што значи дека доколку не го набави истиот, нема да може да изврши увид во доказите кои се сметаат за класифицирани.
И на ова рочиште не беше дозволено медиумите да ги снимаат обвинетите седнати на обвинителна клупа.
На судењето денеска беа поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, и шесте негови колешки, кои се товарат за уништување документација поврзана со системите од незаконското прислушување.
Судот на претходното рочиште го задолжи СЈО да обезбеди дозвола од УБК за да ги користи доказите кои биле доверливи и за добивање потврда кои од податоците можат да бидат јавни, а кои остануваат доверливи.
Вработените во УБК се обвинети дека уништиле 2.047 службени списи, од кои 22 се однесуваат на системите за следење на комуникациите.
OhridNews
„Макфакс“