Најавите за отворање на фабрика од автомобилската индустрија во Охрид од страна на германски инвеститор- беше тема на денешната прес конференција на општинската ВМРО- Народна партија. Претседателот на ОК на ВМРО- НП , Ванчо Костоски, ваквата најава ја оцени како уште едно предизборно ветување на владеачката партија кое ќе остане нереализирано.

– Градоначалникот Никола Бакрачески веднаш јавно постира дека сите оние кои се сомневале во способностите да се донесат инвеститори во Охрид требало да престанат да се сомневаат. Сакаме да го потсетиме Бакрачески и јавноста дека иако најавени, никогаш не се реализираа бројни инвестиции од страна на ВМРО ДПМНЕ во последните 8 години, рече Костоски.

Меѓу нив, Костоски ги наброја најавените француски инвестиции во фабрика за авто галантерија во состав на Отекс со 1000 вработувања, изградбата на Хотел Радисон во Горица, холандски хотел во Рача, најавите дека Сименс ќе го купи ЕМО .

– Имаше најави и дека ќе се гради хотел Ексцелзиор, руски комплекс со бањи во Љубаништа,  ако заборавиле пред да го најдат Субрата Рој, најавуваа руски тајкуни дека ќе инвестираат во Љубаништа, но и од тоа не бидна ништо и испадна дека било и тоа голема лага. Турска болница, силно ја најавија и одеднаш ја заборавија. За белосветскиот измамник кој украде милијарди долари од народот на Индија, притвореникот Субрата Рој, кого владата на ВМРО ДПМНЕ две години ни го најавува како спасител на Охрид кој требаше во градов да отвори 1000 вработувања, да не зборуваме, него сите го паметиме, па сигурно го знае и Бакрачески и знае дека целиот негов проект на крај се покажа само како уште едно од илајдниците големи лажни ветувања на ВМРО ДПМНЕ, рече Костоски.

OhridNews