Од здружението „Богојавление“ и Секторот за локален економски развој информираат дека подготовките за одбележување на празникот Водици привршуваат и се надеваат дека со богатата програма во текот на продолжениот викенд ќе се привлечат голем број посетители.
На 17- ти јануари, со почеток во 21 часот во спортската сала „Билјанини извори“ е концертот на познатата балканска музичка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ, а на 18- ти јануари во Центарот за култура целовечерен концерт ќе има хорот Злата Мегленска. Во над 90% од охридските хотели во текот на четирите дена од 17- ти до 20- ти јануари сместувањето ќе биде со намалени, дисконтни цени, при што ноќевање со доручек ќе чини 12 евра.
– Сметам дека организираните настани околу празникот Водици, за кои имаме голема поддршка од бизнис секторот, ќе бидат доволна причина и мотив градот да биде посетен од голем број гости од Македонија и од другите земји. Интересот е голем, има најави од дипломатски претставништва, министерства, се вршат резервации во хотелите, веќе има најави за гости од Србија, Бугарија, Албанија и Грција. Сето ова ќе му даде една нова димензија на туризмот, со што ќе се придонесе и кон поголем прилив на приходи од оваа гранка, изјави раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолов.
На празникот Водици по светиот крст во водите на Охридското езеро и годинава се очекува да се фрлат околу 1000 капачи, меѓу кои од 200- до 300 од другите градови од земјава и странство.
– По свечените литургии низ верските храмови низ градот, чинот на осветувањето на езрската вода ќе биде во 10.15 часот. На 20 јануари, на Денот на рибарите, предвиден е настан пропратен со бројни содржини , при што бесплатно ќе се делат плашици, вино, ракија, а рибјата чорба од два тона ќе се подготвува со финансиска поддршка од хотел Ројал, информира претседателот на здружението „Богојавление“ , Димитри Пендовски.
За забавата на Денот на рибарите ќе се погрижат неколку охридски тајфи кои ќе свират староградска музика. Во 15 часот е предвидено капењето и фаќањето на бурињата со вино.
Т.К.