Лекарите препорачуваат за време на топлите денови да се избегнуваат какви било напорни активности, вклучувајќи спорт и рекреативни активности, особено во најжешкиот период на денот. Да се носи светла и лесна облека, а на директно сонце заштитни очила и капа, да се внесува помала количина храна, а посебно помалку мрсна храна, и да се внесуваат големи количини течности, почнувајќи од обичната вода за пиење до минерализирани безалкохолни пијалоци.
Децата, старите лица, хроничните болни и бремените жени да останат повеќе во затворени простории, пред се климатизирани, а неопходните работи да се завршуваат до 10 часот наутро или попладне по 17 часот. Граѓаните треба да одбегнуваат алкохолни и пијалаци кои содржат кофеин и екстремно ладни пијалаци или консумирање на поголема количина шеќер. При неопходен престој на отворен простор во овој период, се препорачуваат почести одмори под сенка.
Посебно дисциплинирани по однос на овие препораки треба да бидат хроничните болни, кои за сите промени на здравствената состојба задолжително треба да го консултираат својот матичен лекар.