Во меѓународната политика Преспа станува синоним за успехот на дипломатијата и дијалогот, а за нас дома тоа е Договорот кој го потврди македонскиот идентитет. Ова го истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев, по повод двегодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор во време кога тој беше премиер на државата.

Македонскиот јазик е нашето минато, нашата сегашност и нашата иднина…..нашето вчера, денес и утре…Македонскиот јазик е нашата насушна потреба, како лебот што го јадеме и како водата што ја пиеме, рече Заев, алудирајќи на сегментите од договорот кои се однесуваат на јазикот.

Се надевам дека еден убав ден мојот сон ќе стане јаве, и дека ќе успееме конечно, ние македонските политичари, да се разбереме на убав македонски јазик. И дека некои од оние кои упорно не сакаат да се разберат ќе ја сфатат својата грешка, дека Блаже Коневски не е “џуџето од Небрегово“, како што го нарекуваат, туку најзаслужниот за кодификацијата и стандардизацијата на македонскиот јазик. И дека не смее да се случи повторно Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ да биде маргинализиран, како што беше во времето на нивното владеење. Се надевам исто така, дека ќе ги пронајдеме најубавите зборови од македонскиот јазик како што се „разбирање“, „единство“, „помирување“, а не најлошите со кои се отуѓуваме, разединуваме и ја продлабочуваме поделбата. – рече Заев.

Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, пак, рече дека Договорот од Преспа докажал дека во историјата на Балканот не се потребни поразени и победници. Доволна е почитта и силната волја за заеднилка иднина, мир и развој, – напиша на социјалните мрежи лидерот на Сириза, јавува дописникот на МИА од Атина.

Пред две години се сретнавме во Преспа, онаму каде што низ историјата поминаа победници и поразени, триумфатори и трагични херои. Им се обративме на нашите народи, на народите од Балканот кои се бореа за слобода, но беа измачувани и се измачуваат од отровот на националистичката омраза, на меѓународните конфликти и братоубиствените војни. – напиша Ципрас.

Со договорот од Преспа ставен е крај на тридеценискиот спор за името, по што уследи прием на земјата во НАТО, а земјата се надева дека наесен ќе добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

OhridNews