Во трговијата нема недостаток и снабдувањето со производи е нормално, вели Цветко Ристески, раководител на Одделение за инспекциски надзор Охрид.
Од стапувањето на сила на одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки (највисоки трговски маржи) донесена од Владата на РСМ почнувајќи од 01.03.2022 година, вели Ристески континуирано се вршат инспекциски надзори над трговски објекти, но контроли се извршени и над производителите на леб.
Кај овие економски оператори забележано е покачување на производната цена на лебот и тоа за 2 до 3 денари во апсолутен износ, но тоа се должи на зголемените трошоци за производство (поголеми трошоци за енергенси), а не се должи на непочитување на одлуката за највисоки трговски маржи, додава Ристески.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, денес на својот Фејсбук профил напиша дека ја поддржуваат одлуката на дел од ланците маркети во земјава да ги задржат цените на лебот од 25 до 27 денари. Бектеши ги повика останатите трговци да ја следат ваквата одлука и да бидат, како што наведува, солидарни во време на глобална криза.
Во оваа глобална криза дел од маркетите во државата одлучија да не ја покачуваат цената на лебот и таа останува 25 – 27 денари. Ги повикувам и другите маркети да го следат овој пример во време на криза да ги заштитиме граѓаните од ценовни шокови. А Владата подготвува мерки за да се ублажи кризата, истакнува Бектеши.

Кај два субјекти констатирано е непочитување на одлуката со тоа што трговската маржа не била намалена на дозволените 10% поради што се изречени санкции согласно законот за трговија. Државниот пазарен инспекторат продолжува со инспекциски надзори по одлуката се додека истата е во сила, вели Ристески.
Н.С.Ј.












