На 5 септември 1980 година донесена е Деклрацијата со која Охридскиот регион беше ставен под двојна заштита на УНЕСКО како светско културно и природно наследство. Најпрвин во 1979 година Охридското Езеро се стекна со статус Светско природно богатство. Една година подоцна и Градот Охрид беше додаден на списокот заштитени културно-историски вредности, со што Охридскиот регион стана едно од само 38 мешовити природни и културни подрачја во светот признаени и заштитени од УНЕСКО.
Во 2009 година беше покрената иницијатива за впишување и на албанската страна на езерото и крајбрежјето под заштита на УНЕСКО. Десет години подоцна, во 2019 година, опфатот на заштита беше проширен на двете страни од езерото со вкупна површина од 94,7 хектари.
На прогласувањето на Охрид за светско наследство му претходеле процедури и одлуки на локалните и централни власти во тогашната Социјалистичка Република Македонија која беше дел од југословенската федерација. Со нив се поврзува една анегдота на која ден денес се присетуваат повозрасните колеги новинари. За време на јавната расправа во тогашниот „општински собор“ (совет) еден од членовите, подоцна висок државен функционер, обраќајќи се на говорница запрашал: „Кој е тој УНЕСКО, пари дават?“ – што само по себе укажува дека во историските моменти за Охрид повеќето луѓе, па дури и носители на одлуки, не биле запознаени со мисијата и надлежностите на светската организација која е дел од Обединетите нации.
Четири и пол децении подоцна иста дилема. Многумина во Охрид, па и во државата, не знаат што всушност претставува заштитата од УНЕСКО, какви придобивки, но и одговорностите носи прогласувањето на едно подрачје за светско културно и природно наследство со исклучителни вредности значајни за целото човештво. Изгледа, како што вели во еден натпис мојот драг колега Александар Бачиќ, воопшто и не им е јасно колкав труд, купишта хартија, илјадници страници издржана документација, внимателно собиран материјал е потребно за нешто да влезе на листата заштитени богатства на УНЕСКО, се разбира покрај исклучителната вредност и атрибути што мора да ги поседува одредено подрачје или природна реткост за воопшто и да се разгледува некаков иден заштитен статус. Доволни ни беа само триесеттина години да покажеме дека не знаеме да се грижиме за нешто што светот го препознал и признал како исклучителна природна и културна вредност. Она што некои посвесни генерации пред нас со многу напор го направиле за иднината на Охрид ставајќи го регионот на светската мапа на извонредно значајни културни и природни богатства, сериозно е доведено во прашање.
Комитетот за светско наследство врз основа на извешатите на Реактивната мисија на УНЕСКО со години предупредува, а во последното десетлетие алармира, на уништување на универзалните вредности на Охридскиот регион, поради што во неколку наврати беше предложено негово поместување од листата на заштитени, на листата на заштитени подрачја во опасност. Тоа ќе значи активирање на сите капацитети, домашни и меѓународни, вклучително и експертска помош, за надминување на проблемите кои го загрозуваат статусот на Охрид во УНЕСКО.
Последен пат тоа се случи на 47-та сесија на УНЕСКО во јули годинава, кога Комитетот предложи регионот на Охридското Езеро да се вклучи на Листата на светско наследство во опасност, со цел да се поттикне порешителна акција и да се обезбеди запирање на деградацијата и враќање на атрибутите во состојба што ја одразува извонредната универзална вредност на подрачјето. Со политчка одлука, Македонија и Албанија добија дополнителен рок од шест месеци, односно до 1 февруари 2026 година да преземат конкретни мерки и да покажат резултати во справувањето со проблемите кои ги загрозуваат вредностите на заштитениот Охридски регион, согласно препораките.
Во нацрт-документот, повторно се бара од властите да ги суспендираат измените на Деталните урбанистички планови и одобрувањето на Локалните планови за развој надвор од населените места сè додека не се изготви Стратешката еколошка проценка за влијанието на истите, да ги изработат Генералните урбанистички планови за Охрид и Струга, како и соодветно да го уредат просторното планирање за неизградени области.
Се бараат засилени активности за зачувувањето на Студенчишкото Блато, со итна забрана на градежни активности во близина на блатото и комплексот „Горица 3“ се до изготвувањето на Стратешката еколошка проценка и специфичните проценки на влијанијата за сите проекти.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, на последната седница на Националната комисија на УНЕСКО одржана неодамна, истакна дека следува многу тежок период во кој системот треба да реагира брзо и одлучно, а изборите дополнително ја отежнуваат работата поради што ќе биде потребна целосна мобилизација на сите институции.
На седницата во јули Владата ги задолжи Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за култура и туризам, општините Охрид, Струга и Дебрца да подготват и достават до Владата предлог закон за изменување на Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион. Потоа да се разгледа Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, особено во делот на урбанизација и бесправно изградени објекти и да се предложи изменување и донесување соодветни законски и други акти, и интензивно да се работи на спроведување на препораките од Извештајот на УНЕСКО.
Стручната јавност, пак, смета дека е потребна поголема вклученост на институциите на локално и национално ниво во заштитата на културно-историското и природно богатство, целосна примена на законите и санкционирање на прекршителите кои го загрозуваат заштитеното светско наследство. Тие предлагаат да се формира специјално тело составено од еминентни експерти и лица со интегритет чие седиште ќе биде во Охрид, кое ќе комуницира директно со УНЕСКО за сите проблеми. Сметаат дека треба да се намали урбанизацијата, но и притисокот врз Охридско Езеро со пловила, градби и загадување, да се спречи неконтролираното изловување на ендемските видови риба, масовниот туризам да се замени со одговорен туризам, и да се спроведе поголема едукација на граѓаните, особено на најмладите за уникатните вредности на Охрид поради кои што е под двојна заштита на УНЕСКО како светско културно и природно наследство.
И така, се што се ставало под тепих триесет и кусур години, се она на што се замижувало, сите наталожени проблеми и обврски прецизно нотирани од Комитетот за заштита на светското наследтво на УНЕСКО, сега се „зипувани“ во дополнителна рамка од неполни шест месеци, а локалните избори се на прагот. Од тоа што вистински, а не декларативно ќе биде направено до 1 февруари ќе зависи идниот статус на Охридскиот регион во УНЕСКО.
Но, не само тоа. Од тоа што ќе направиме како општество, како систем, но и како поединци, а особено носителите на власта, ќе зависи и нашиот опстанок како луѓе кои живееме на ова парче земја обдарено со убавини и значајни ресурси. На ова отворено предупреди и претседателката на државата Гордана Сиљаноска – Давкова на одбележувањето на 90-годишнината од формирањето на Хидробиолошкиот завод – Охрид.
Јавна тајна е дека слатката вода како ресурс е во фокусот на сегашноста, а ќе биде клучна и во иднината. Впрочем, предвидувањата велат дека таа можеби, или веројатно ќе биде извор на идните светски конфликти. Но, не смееме да замижуваме пред горчливата вистина за сенките понекогаш надвиснати над езерото: неконтролираниот урбанизам, загадувањето, несоодветното управување со отпадните води, смртната опасност по јагулата и нејзиниот попречен, па и оневозможен пат кон Саргасовото море и назад, сечењето на трските и уништувањето на блатото. Сето ова не смееме да не го гледаме. Благосостојбата на езерото не е сама по себе загарантирана, ако општеството и институциите не се грижат за него и ако не војуваат со него. Да потсетам, ако продолжиме и ако дозволиме да го вознемируваат и уништуваат езерото, ќе посегнеме по суицид, предупреди таа.
Горан Момироски