Дисциплинскиот комитет на ФИФА ја казни Барселона со забрана на трансфери во наредните два трансфер периода, откако било утврдено дека клубот ги прекршил правилата за носење фудбалери помлади од 18 години. Барселона е парично казнета со 450.000 швајцарски франци, а има рок од 90 дена да го регулира статусот на своите малолетни фудбалери.
Поради кршењето на истото правило, ФИФА, парично со 500.000 швајцарски франци ја казни и Фудбалската федерација на Шпанија (RFEF), која доби рок од една година да го регулира својот систем за меѓунардони трансфери на малолетни фудбалери.
ФИФА утврдила дека Барселона и RFEF прекршиле неколку правила во врска со меѓународните трансфери и првото регистрирање на нешпанските фудбалери, а исто така откриле неправилности и со регистрацијата на некои фудбалери во националното првенство.
Со истрагата биле опфатени неколкумина малолетни фудбалери кои се регистрирани и играчи во Примера во периодот од 2009 до 2013 година.
Според правилникот на ФИФА, меѓународен трансфер на фудбалер е дозволен само доколку фудбалерот има повеќе од 18 години. Истото правило предвидува три ограничени околности, според кои може да се отстапи од законот, но тоа може да биде направено само по процената на Подкомитетот за статусот на фудбалери.
„Макфакс“