Забрана за сообраќај на тешки товарни возила има на патните правци Кичево – Охрид преку планинскиот премин Пресека и Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража. Патниот правец Македонски Брод – с.Здуње на кој гравитираат 11 села, не е прооден за секаков вид на сообраќај. Патниот правец Скопје-Македонски Брод преку ЈПУЗПП ЈАСЕН е непрооден поради големи снежни наноси, информира АМСМ. 

Сообраќајот на државните патишта се одвива отежнато, во зимски услови, по влажни коловози со остатоци од снег на коловозот, по интервенција на екипите на Македонијапат. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат низ цела територија на државата, освен во Гевгелија каде врнежите се од дожд и снег. 

Во клисурите и засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци: Кочани – М.Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово-Дебар-Струга, Д.Капија – Удово, Катланово-Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен-Буково.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.

Се препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

OhridNews