Читател кој живее на улицата Кузман Јосифоски Питу, во близина на хотелот Ривиера се жали поради честото паркирање и задржување на автобусите кои ги превезуваат туристите до околните хотелски објекти.

Имено, читателот тврди дека во повеќе наврати, жителите на оваа улица се вознемирувани од автобусите кои непрописно влегуваат во овој дел од градот и се паркираат тука. – Поради нив не можеме да ги отвараме прозорите поради неподносливата смрдеа на согорена нафта, а проблем е и бучавата која тие ја создаваат. Во повеќе наврати сме се обратиле и до надлежните органи од локалната самоуправа кои истакнуваат дека за тоа надлежна била сообраќајната полиција, која останува слепа за овој проблем, вели читателот. Реагирам како граѓанин на Охрид, кој редовно плаќа даноци, туристичка такса за своите гости во апартманите кои ги издавам и како горд Охриѓанец кој е заинтересиран да му се врати заслужениот сјај на Охрид, но не со непочитување на законите и одлуките, туку и само со законита и совесна работа, додава читателот.


Согласно одлуката на Локалната самоуправа, забрането е движење на автобуси на потегот од булеварот Туристичка кон езерото, со цел дополнително да не се оптоварува сообраќајниот хаос во центарот на градот. Но како што од таму објаснуваат, казнувањето за непочитување на забраната е во надлежност на полицијата. Од СВР- Охрид пак се категорични- се грижиме за спроведување на забраната, се толерираат единствено автобусите кои ги превезуваат гостите до хотелите кои се наоѓаат во централното градско подрачје и се задржуваат во центарот на градот кратко време, колку што е потребно гостите да слезат од автобусите.      

Туристичките работници велат дека ја подржуваат забраната која ја донесе Локалната самоуправа и според нив, најчесто таа се почитува. При тоа, потенцираат дека нелогично би било поради забраната гостите да слегуваат на Туристичка и потоа да пешачат со своите торби до хотелите на кејот на езерото во кои ќе престојуваат. – Како и во останатите познати туристички центри во другите земји, и во Охрид треба да се толерираат десеттина минути кои се потребни за гостите да слезат од автобусите и го земат својот багаж. Граѓаните треба да бидат свесни дека сепак живееме во еден туристички центар, велат дел од туристичките работници.

OhridNews