Колку и дали се почитува забраната за употреба на пластични кеси во економски оператори во Охрид, но и за кого поконкретно се однесува забраната за употреба на пластични пакувања за еднократна употреба? Сведоци сме дека дел од маркетите во Охрид веќе имаат во употреба хартиени кеси во делот на овошјето и зеленчукот, а и дека граѓаните се навикнуваат на потребата од носењето на платнени торби за пазарење.
Раководителот на Одделението за инспекциски надзор Охрид Цветко Ристески вели дека од стапувањето на сила на одредбите од Законот за управување со пакување и отпад од пакување и тоа во делот од законот каде што е надлежен Државниот пазарен инспекторат почнувајќи од 01.12.2021 година континуирано се вршат инспекциски надзори над економските оператори.
Како што може да се забележи имплементацијата на овој закон е процес кој ќе се спроведува во неколку фази, при што во овој период им се укажува на трговците да го усогласат своето работење согласно Законот, а после завршувањето на првиот квартал од 2022 година кога ќе се извршат контролни инспекциски надзори доколку се утврди дека не постапиле според обврските од Законот се пристапува кон изрекување на прекршочни санкции (глоба за сторен прекршок), вели Ристески.
Потенцира дека согласно член 47 од Законот за управување со пакување и отпад од пакување на субјектите им се укажува за тоа дека се должни да го усогласат своето работење според овој Закон, а според членот 10 од истиот Закон дозволени се исклучоци за употреба на кесите за транспорт и тоа со плаќање на надоместок од страна на крајните корисници, дозволено е пуштање на пазарот во Република Северна Македонија биоразградливи кеси за носење на стоки кои се произведени согласно со пропишаните стандарди за биоразградливост, освен многу лесните пластични кеси за носење на стоки.
Во однос, пак, во делот на забраната за употреба на пластични пакувања за еднократна употреба кои ги користат угостителските објекти, Ристески, додава дека се опфатени дел од објектите во Охрид.
Таква обврска постои само за угостителските објекти кои се лоцирани во подрачја кои се строго заштитени подрачја како национални паркови, природни резервати, паркови на природата и други заштитени подрачја. На опфатот на општина Охрид таква е обврска имаат само угостителските објекти кои се лоцирани во Националниот парк Галичица и угостителски објекти лоцирани на пловните објекти (бродови и сл.), додава Ристески.
Н.С.Ј.













