Забраната за возење на скутери по Охридското Езеро треба да стартува многу порано од 20 јули, затоа што плажите се полни со гости уште од средината на месец јуни, а капачите секојдневно се изложени на опасност од разбеснетите скутерџии, кои прават вистински маневри низ езерската вода.
Ова се ракциите на туристите по несреќниот случај на Машка плажа во Струга, кога момче од тетовското село Милетино, Општина Брвеница, беше повредено од скутер на вода, додека заедно со уште едно лице се возело на педалинка.
-Буквално треба да се плашиш да одиш во подлабокиот дел од езерото, зошто скутерџиите возат опасно. За да ги покажат своите вештини на упавување со скутерите, често пати возат во близина на капачите. Треба да се огранични нивното движење на најмалку 500 метри од крајбрежјето, зошто само така не би биле опасни, коментираат капачите кои последната седмица ги има во се поголем број на охридските и струшките плажи.
Од Центарот за спасување на вода, при Црвениот Крст во Охрид, потврдуваат дека од година во година се зголемува бројот на скутерџии кои возат во езерото.
-На Охридското крајбреже се возат скутери, но истите се управуваат надвор од зоната за капење, па така во последните неколку години, немаме евидентирано ниту еден инцидент во езерото во кој учествувал скутер. Но тоа не може да се каже за струшкото крајбрежје, бидејќи таму бројот на скутери евидентно е зголемен и не постои никаква дисциплина кај оние кои ги управуваат, вели Антонио Додески од Црвенито Крст од Охрид.
Од Капетанијата на пристаништата во Охрид, која е надлежна за водениот сообраќај во Република Македонија, не сакаа да ја коментрираат за последната несреќа со скутер ниту пак да ни дадат информации за вкупната бројка на регистрирани скутери кои пловат по Охридското Езеро.
-Не би можеле да ви кажеме ништо во врска со несреќата со скутерот, ниту да ви одговориме на било какво прашање, затоа што додека не добиеме нов капетан, немаме никакви ингеренции во таа насока, ни рекоа вработените во Капетанијата на пристаништа во Охрид.
Инаку забраната за скутери на вода со сила над 45 киловати кои може да пренесуваат максимум три лица треба да стартува од 20 јули 2012 година. Според неа скутерите нема да може да пловат по водите на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро во периодот меѓу 11 и 18 часот. Ограничување на пловидбата на скутерите е во согласност со Одлуката на Владата што беше донесена пред неколку години заради безбедноста на капачите и заштитата на животната средина. Забраната, која не важи само за скутерите што се наменети за службени потреби за вршење на инспекциски, царински и полициски надзор, ќе трае до 20 август.
За сите граѓани кои нема да ја почитуваат одлуката, пропишани се санкции. Глоба од 6.000 до 8.000 евра во денарска противвредност ќе треба да платат сите правни лица кои нема да се придржуваат до ограничувањето за пловидба. Казни од 3.000 до 5.000 евра во денарска противвредност се предвидени за трговци-поединци, додека пак физички лица кои нема да го почитуваат ограничувањето за пловидба заработтаат казни од 800 до 2.000 евра во денарска противвредност.











