Кандидати за градоначалници или за членови на советите на локалната самоуправа, не смеат да се промовираат на медиумите до официјалното почнување на изборната кампања, потсетува Советот за радиодифузија – СРД, кој најави засилен мониторинг на радиодифузерите во поредизборниот период.

Согласно Правилникот за однесувањето на радиодифузерите во периодот пред започнување на изборната кампања, „радиодифузерите пред почетокот на изборната кампања не смеат да емитуваат изборно медиумско претставување. Под изборна кампања, меѓу другото, се подразбира и „…изборно медиумско… претставување… на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми“, информираат од СРД.

Оттаму, посочува СРД,  медиумското известување за активностите на потврдените кандидати ќе значи започнување на изборната кампања пред нејзиниот официјален почеток (4 март 2013 година) и ќе претставува прекршување на Изборниот законик и на Правилникот за однесувањето на радиодифузерите во периодот пред започнување на изборната кампања.

Во случаите кога потврдените кандидати се истовремено и актуелни носители на функции, радиодифузерите можат во вестите да информираат за оние нивни редовни активности кои се тесно врзани за извршувањето на функцијата. Притоа, начинот на известување не треба да биде во корист на нивната кампања, односно носителите на функции не треба да се најдат во привилегирана положба во однос на другите потврдени кандидати (известување за активности кои претставуваат изборна кампања, какви што се отворањето јавни објекти – училишта, здравствени објекти и слично, или за други настани намерно создадени со цел да се привлече поголемо медиумско внимание), информираат од СРД.

Од СРД потсетуваат дека радиодифузерите кои ќе го прекршат Изборниот законик ќе се соочат со казни.

OhridNews