Пазарните инспектори уште пред почетокот на сезоната направија контроли низ туристичките агенции, а континуирано ќе се постапува и по пријавите на граѓани, со цел да се заштитат граѓаните, да нема нелојална конкуренција меѓу агенциите, порача министерот за економија, Ваљон Сараќини, по посетата на Државниот пазарен инспекторат, пренесува „Макфакс“.
„Во текот на летниот период посебно актуелни се туристичките аранжмани што ги нудат туристичките агенции, но не сите подеднакво професионално си ги обавуваат активностите, па се случува и цели групи туристи да покажат незадоволство од агенциите, да бидат на некаков начин измамени или оштетени од нив, да не биде нивниот аранжман во согласност со договорот што го потпишале со агенцијата“, рече Сараќини по средбата.
Минатата година, согласно Законот за туристичка дејност, извршени се 485 редовни, 53 контролни и еден вонреден инспекциски надзор. За утврдени неправилности до надлежни основни судови се поднесени 18 барања за поведување на прекршочна постапка, а 8 барања до прекршочната комисија. Донесени се 20 решенија во управна постапка. Постапувано е и по 67 пријави, односно претставки од страна на граѓаните, а присилно се затворени 11 туристички агенции, а главниот проблем со пријавите од граѓаните е неисполнување на договорите кои патниците ги потпишуваат со агенциите.
„Пазарните инспектори уште пред почетокот на сезоната направија контроли низ туристичките агенции, што е дел од нивниот годишен план за работа, а континуирано ќе се постапува и по пријавите на граѓани за ваков тип оштети, со цел да ги заштитиме граѓаните, да не дозволиме нелојална конкуренција меѓу агенциите и да овозможиме правно и правилно функционирање на туристичкиот пазар“, рече Сараќини.
Тој апелираше до агенциите да ги почитуваат договорите со своите патници, она што го нудат за цената навистина и да го реализираат, бидејќи покрај санкциите кои ќе следат за непочитување на законот за туристичка дејност и законот за заштита на потрошувачите, не смеат да ја занемаруваат и штетата што ќе ја имаат и од директната негативна реклама на незадоволните патници или групи.
„Покрај ова, би сакал да им обрнам внимание и на граѓаните, да внимаваат при изборот на аранжмани, да не прифаќаат нереални понуди кои се нудат во рекламирањето и да внимаваат на реномето на агенцијата која ја избираат“, рече Сараќини.
Покрај ова, поради се’ почестата појава на непочитување на работното време од страна на угостителските објекти, и зголемениот број на поплаки од страна на граѓаните, посебно за оние објекти кои се лоцирани во станбено-деловни комплекси и во населби, Државниот пазарен инспекторат ги интензивира вечерните контроли, а зголемен е и бројот на дежурните инспектори во сите одделенија на Инспекторатот, односно во сите подрачни единици низ државата.
Поплаките најмногу се однесуваат на угостителските објекти лоцирани во централните градски подрачја (во сите градови во државата), а во Скопје најмногу поплаки за пречекорено работно време и бучава има за угостителите лоцирани на „Ленинова“, Кеј „13 Ноември„, Дебар Маало и Старата Скопска Чаршија.
„Во првиот квартал се затворени 38 субјекти поради надминување на работното време и пушење цигари. Контролите се вршат во сите градови и ќе продолжат со несмалено темпо. Минатата ноќ проверивме 25 објекти, од кои 4 работеа незаконски. Апелираме до сите угостители да се придржуваат до дозволеното работно време, кое до 31.08 е до 01 часот, пропишано во член 23 од Законот за угостителска дејност, како и до одредбите на Законот за заштита од бучава и Законот за заштита од пушењето“, рече директорот на ДПИ, Виктор Дерменџиев.
Покрај ова, сите угостители кои вршат дејност надвор од деловниот објект, на летни тераси, потребно е да имаат Одобренија од локалните власти, согласно член 12 од Законот за угостителска дејност. За утврдените неправилности следи привремена забрана за вршење на дејност во траење од 10 до 30 дена, како и соодветна парична казна.
извор:„Макфакс“