Сопствениците на станови и куќи во Охрид се почесто се мета на крадци, кои поединечно или во групи ”оперираат” во Охридскиот регион. Најчесто се ограбуваат викенд становите или куќите чии сопственици не живеат во нив, но не остануваат поштедени и станбените објекти во кои постојано живеат охриѓани. Освен пари, крадците одземаат LCD-телевизори, компјутери, златен накит, часовници, резбани украси, мобилни телефони и слични вредни работи, кои подоцна ги продаваат на црниот пазар.


Охридската полицијата во текот на изминатите три месеци успеа да ги пронајде сторителите на 33 тешки кражби и 12 кражби, со кои беше направена вкупна штета од околу 19.000 евра или над 1,14 милиони денари. Во моментов за јавноста не се соопштува точната бројка на кражби, кои сеуште не се расветлени, но неофицијално дознавеме дека во текот на измината седмица во Охрид се случиле уште неколку тешки кражби, при кои биле ограбени станови и куќи на неколку имотни граѓани.

Жителите кои живеат во станбените згради низ Охрид, велат дека големиот број на кражби, кои се случуваат во градот им создаваат непријатност.

-Разбравме дека крадците влегувале низ прозорци, се качувале по балкони, отварале сигурносни врати, тоа е навистина страшно. Не се чувствуваме безбедно, затоа што во влезот од зградата во која живееме има голем број викенд станови во кои не живее никој, па кога не сме дома, крадците би можеле слободно да ни го провалат станот и никој да не слушне, вели еден повозрасен господин кој живее во комплексот згради во населбата „Христо Узунов“.


Охриѓанка која постојано живее во зграда во населбата „Охридати“ вели дека во текот на последните неколку недели, забележала непознати лица, кои често поминувале околу нијзината зграда.

-Освен во лето во нашиот комплекс на згради нема голема фреквенција на луѓе, но со сосетката забележавме дека машки поединци, зачестено поминуваат во просторот помеѓу зградите.  Има и такви кои ѕвонеле по становите и се претставувале како да бараат некои пријатели кои живеат во комлексот, вели нашата соговорничка.

Вакви поплаки на граѓани, често добивала и полицијата, па токму заради тоа во последните неколку дена, полициските службеници од Одделението за општ кримал при СВР Охрид, започнале превентивно да работат на терен.

-Ги контактираме претседателите за Зедниците на станари по сите згради во Охрид. Со колегите сме распределени во неколку групи. Правиме списоци на згради каде најчесто има викенд станови, затоа што на овие станови најмногу им се заканува опасност од кражби. Исто така се распрашуваме дали во некои станови времено се сместени лица под кирија од други градови, зошто најчесто таквите се извршители на кривични дела, вели охридски  инспектор за општ криминал, кого го затекнавме на терен во станбена зграда во Охрид.

Тој истакна дека крадците кои најчесто не се од Охрид, имаат добро разработена шема на делување и употребуваат професионален алат.


-Најчесто се од други градови, што дополнително ја отежнува потрегата по нив. Имаме сознанија дека делуваат во соработка со лица од Охрид, кои им даваат информации кои локации се поволни и во кои станови има вредни работи, вели инспекторот.

Потпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, вели дека во изминатите три месеци полицијата успела да расветли над 45 кражби во Охридскиот регион, кои биле извршени по станови или куќи.

-Во текот на месец февруари поднесовме кривична пријава против група крадци од Прилеп. Тие со употреба на подесен алат извршиле седум казнените дела кражба на подрачјето на Охрид и селото Косел, против-правно одземајќи повеќе предмети. Оваа група, преку добро разработен систем успевала да ги разбие сигурносните брави и насилно влегувала во повеќе објекти, вели Димоски.


Тој нагалси дека во текот на месец март, полициските службеници  успеале да фатат уште  неколку крадци, кои подолг временски период ”оперирале” низ Охрид.

– Поради постоење на основано сомнение дека сторил вкупно деветнаесет кривични дела тешка кражба и седум кривични дела кражба, полицијата го приведе В.Ќ.(43) од Зелениково Скопско. Исто така, полициските служби успеаја да го фатат и охриѓанецот Б.Т. (24), за кој постои сомение дека извршил десет кривични дела тешка кражба и четири кривични дела тешка кражба во обид, вели Димоски.

Тој објасни дека сите пронајдени крадци, при извршување на казнените дела употребувале подесен алат со кој успевале да ги разбијат  сигурносните брави од влезните врати, но имало и такви кои се качувале преку балконите и прозорците. Истите, имале земено под наем повеќе станови во градот, каде што ги сместувале  одземените предмети.

 

Е.М