Секој постар малолетник ќе може да управува  моторно возило од ,,Б“ категорија доколку наполнил 16 години возраст, поседува лична карта, здравствено и психофизички е способен да управува моторно возило, има завршено најмалку основно образование и има согласност од родителите, законскиот застапник или старателот, заверена на нотар.

Ова е предлогот на Министертвото за внатрешни работи кој се очекува наскоро да влезе во процедура.

„Не можеме да го игнорираме фактот дека малолетниците се охрабруваат да управуваат со моторно возило. Не можеме, ниту да го игнорираме фактот оти голем дел од сообраќајните несреќи со последица смрт, се несреќи каде што возилото е управувано од лице без возачка дозвола. Само во минатата година, сообраќајната полиција регистрираше околу 12.500 прекршоци „управување возило без возачка дозвола“. Лицата кои на овој начин управувале возило учествувале во 448 сообраќајни незгоди со потешки последици во кои 18 лица загинале, а 657 биле повредени. Токму во овие показатели, но и во компаративните анализи со европските законодавства лежат и мотивите во нашите намери да предвидиме можност малолетниците со наполнети 16 години да се стекнат со знаење и дозвола под одредени услови да управуваат возило. Веруваме дека е подобро оваа категорија да ја едуцираме, отколку само да ја казнуваме.“-образложи министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.

Во рамки на предлогот, предвидени се и ограничувања како тие дека малолетник не смее да управува со возило во патниот сообраќај во времето од 20,00 до 05,00 часот, освен ако во возилото го придружува родител односно старател кој поседува возачка дозвола од ,,Б“ категорија и на кого не му е изрекувана прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило, не смее да управува со возило со брзина поголема од 60 километри/час на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 километри/час на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, односно со брзина поголема од 100 километри/час на автопат, не смее да управува возило чија сила на моторот е поголема од 75 киловати, да влече приклучно возило или да врши организиран превоз на деца, а за стекнување на возачка дозвола, задолжително ке биде посетување на 30 процентио пообемна обука, за разлика од останатите кандидати.

Во случај на непочитување на овие одредби, глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возач-постар малолетник. Покрај глобата на возачот-постар малолетник ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило во период од три месеца до една година, соопшти МВР.

OhridNews