Јавен тоалет или споменик на културата? Недолично однесување на поединци или несоодветна заштита на културните вредности во Охрид? Ваквите се реакциите на жителите од старото охридско јадро, кои деновиве на неколку наврати со допис до OhridNews алармираат за состојбата во која се наоѓа задната страна на катедралната црква „Св. Софија“.

Како што велат тие, иако дворот од северната страна на црквата е хортикултурно уреден и исчистен, сепак задниот е целосно запоставен и полн со нечистотии, од кој се шири неподнослива реа.

Иако во непосредна близина се наоѓа тоалетот на „Охридско Лето“, жалосно што катедралната црква „Св. Софија“ ни служи за нужда и скоро да нема никаква грижа од страна на надлежните. Северната или предната страна е хортикултурно уредена, а овој дел како да е целосно запоставен.“ – вели жител од старото охридско јадро кој инсистираше на анонимност.

Секој посетител во Охрид поминува оттука

Она што најмногу загрижува е како овој значаен средновековен репресент изгледа во очите на туристите, кои најчесто поминуваат по оваа фрекфентна локација.

Ова е срам за сите нас кои дозволуваме да се врши нужда врз овој свет храм и најголем репресент на нашата култура. Жалосно што секој посетител на градот, неминовно поминува оттука и ја фотографира западната фасада од црквата, а наидува на ваква грозна ситуација и непријатен мирис.“ – велат охриѓани со допис до OhridNews.

Поднапиени гости од ноќните клубови ја користат црквата како јавен тоалет

Охриѓани кои живеат непосредно до овој голем верски храм реагираат дека за време на викендите, гостите од ноќните клубови, претежно млади лица, просторот околу храмот го користат како јавен тоалет.

Неколкупати досега сум начекал како во внатрешноста на црквата или по самите фасади долж објектот, млади и пијани уринираат и ја користат локацијата како јавен тоалет. Дали некој од нив се запрашал што во суштина претставува „Св. Софија“? Кои се тие родители, кои така ги воспитуваат своите деца. Многумина ни се чудат какво диво племе живее во град под заштита на УНЕСКО.“ – реагира жител од старото охридско јадро.

Измет од домашни миленици расфрлан околу верскиот објект

Фотографиите кои се направени овие денови, сведочат дека голем број сопственици на домашни миленици и понатака не ги почитуваат законските одредби, со кои се предвивува одлагање на изметот од домашен миленик во корпа.

Сопствениците на кучиња треба да го чистат изметот на своите миленици, а не да го оставаат зад себе. И тоа не каде било, туку околу црквата. Ова е срам за градот.“ – велат револтирани жители од стариот дел на градот.

Чуварска служба, обезбедување, камери?!

Многумина од нашите соговорници сметаат дека поставување камери или чуварска служба, би имало позитивен ефект во зачувувањето на ова христијанско светилиште. Дел до нив велат дека потребно е да се изрекуваат високи парични казни за оние, кои ја загадуваат околината.

Имавме различни иницијативи, но засега ништо од тоа. Можеби идеално би било да се постават камери или пак да се воведе чуварска служба, која би го надгледувала објектот во текот на вечерните часови. Како и што понатака, ќе покаже времето.“ – велат нашите соговорници.

O.T.