Во заеднички акции на Државниот инспекторат за земјоделство одделение за инспекциски надзор од областа на  рибарство и аквакултура и рибочуварската комисија при З.Р.Р.С.К  „Свети Апостол Петар“ од Охрид од почетокот на јуни  извршени се повеќе контроли на риболовниот ревир  „Слив на Охридско Езеро“.

На почетокот на јуни на потегот од село Климештани до Издглавје затекнати се три лица кои вршеле рекреативен риболов со блинкер за лов на пастрмка без поседување на легитимација и дозвола издадена од концесионерот.

На 9- ти јули кај месноста викана Брана кај село Волино во водите на река Сатеска затекнато е едно лице како врши недозволен риболов со недозволено риболовно средство – сачма (сертме).Рибарската опрема и сачмата е одземена, а против посочените лица ќе бидат поведени соодветни постапки.

При контролите на риболовниот ревир забележани се преградувања на реките Сатеска и Песочанска река кои преградувања освен што го попречуваат слободното движење на рибите, истите се користат и за риболов со недозволени средства. Со цел да се откријат лицата кои ги изградиле посочените преградувања на реките ќе биде известен СВР – Охрид. Против лицата кои ги изградиле браните ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Од З.Р.Р.С.К  „Свети Апостол Петар“, концесионер на риболовниот ревир, потенцираат дека во соработка со Државниот инспекторат за земјоделство одделение за инспекциски надзор од областа на рибарството и аквакултурата ќе се интензивираат контролите на риболовниот ревир. Апелираат на доследна примена и почитување на Законот за рибарство и аквакултура, како и подзаконските акти од сите учесници во риболов.

OhridNews