Викендов во Охрид започнаа заедничките полициски патроли меѓу полициските службеници од македонското и српското министерство за внатрешни работи. Заедничките активности се одвиваат со цел зголемување на степенот на безбедност во Охрид, размена на информации и продлабочување на меѓусебната полициска соработка.
При спроведување на полициските мерки на терен, српските полициски службеници им даваат поддршка на полициските службеници од СВР Охрид во активностите насочени кон обезбедување на јавниот ред и мир, контрола на угостителските објекти и им се подршка на македонските и на државјаните на Република Србија кои за време на туристичката сезона престојуваат во Охрид.
– Српските полициски службеници при заедничките патроли со припадниците на СВР, немаат полициски овластувања и при реализација на полициската работа на терен се обврзани да постапуваат во согласност со националното законодавство на Република Македонија. Тие, немаат полициски или други извршни овластувања и не носат службено оружје и другата службена опрема. Заедничките полициски патроли меѓу полициските службеници од македонското и српското министерство за внатрешни работи ќе се реализираат до крајот на август кога во Охрид во две смени ќе патролираат еден униформиран полициски службеник и еден полициски инспектор на криминалистичката полиција на МВР на Република Србија, информира портпаролот на СВР Охрид, Сефан Димоски.
Заедничките полициски патроли се резултат на постигнатиот договор меѓу Владите на Република Македонија и Република Србија за полициска соработка потпишан на 30-ти ноември 2011 година.
OhridNews