„Ние сме приврзаници на тезата дека „план Б“ за Република Македонија нема. Нашето членство во ЕУ и НАТО е главен приоритет за сите граѓани во Република Македонија, главен приоритет и за СДСМ.“ – изјави вчера лидерот на СДСМ Зоран Заев, по средбата со претседателот на ДУИ Али Ахмети во Мала Речица, пренесува „Макфакс“.

„СДСМ останува конструктивен и е подготвен на вистински консензус по прашањето и решавањето на спорот со името. Но, по пат на политичка дебата, а секако не за поддржување на политиките на Никола Груевски.“ –  рече Заев.

Според него, националните реторики, одредени проекти, „само нè оддалечуваат и од меѓуетничката соработка и соживот, а секако и нè оддалечува од ЕУ и интеграциите на Република Македонија“.

Заев и Ахмети разговарале и за меѓуетничките односи во земјата, како и за економската состојба, соработката со соседите, за случувањата од 24 декември, како и за евроатланските интеграции.

„Можам да констатирам дека меѓуетничкиот соживот и меѓучовечкото почитување се главен предуслов доколку сакаме Република Македонија, како земја заедничка за сите, да биде место каде што ние политичарите ќе ја исполниме нашата обврска, а тоа е да градиме земја, успешна и перспективна за сите граѓани подеднакво. Се согласивме дека денес сакаме недвосмислено да ги испратиме позитивните пораки на добрите меѓуетнички и меѓучовечки односи. Се надевам дека таа порака пред се и над се денеска од оваа средба ќе биде испратена.“ – рече Заев.

Тој најави слични средби и со останатите политички лидери во Македонија.

OhridNews

извор: „Макфакс“