Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска на прес конференција објави аудио снимки од наводните разговори на кои под наредба на Груевски е договарана операција за продажба на Македонска банка АД Скопје, јавува „Макфакс“. На пресот на Заев реагираше ВМРО ДПМНЕ, според која објавените аудио снимки се целосна монтажа измислица и оти лидерот на СДСМ на 27ми април ќе го добие одговорот од народот. 

„Една работа е повеќе од јасна. На Никола Груевски не му е државата пред сè, туку партијата, а со конечна цел негова лична заштита и заштита на фамилијата и бизнисот. Во Македонија не постои држава, не постојат институции на државата, не постои поделба на власта, постојат само интересите на партијата и на фамилијата што ја раководи таа партија“, рече Заев.

Тој додаде дека заради криминалното работење, Груевски не дозволува да има фер избори во Македонија.

„Ги повикуваме надлежните институции да не чекаат наредба од Груевски како да постапат за случајот во кој тој ја игра главната улога. Многу афери досега беа заташкани. Оваа нема да дозволиме да биде заташкана. Го повикуваме господинот јавен обвинител Зврлевски да заборави на ромските балови и другите забави на кој другарувал со првите луѓе на власта, веднаш да отвори истрага за случајот и да бидат преземени сите мерки кои би биле преземени за секој друг граѓанин на оваа земја во истата ситуација“, рече Заев.

Лидерот на СДСМ го обвини Груевски дека извлекувале пари од оф шор компаниите и во времето на загинувањето на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски.

„Како сте можеле да влечете пари од оф-шор компаниите газди на Македонска банка дури во деновите по загинувањето на претседателот Борис Трајковски. Имате ли малку срам, морал, човечност? Кога целата нација беше во болка и во тага, очигледно само бизнисот на фамилијата не бил завеан во црно“, рече Заев.

Тој побара од Груевски да престане да му се заканува нему и на неговото семејство, како и на луѓе блиски до СДСМ.

„Ако ова не е вистина, зошто тогаш закани да запрам и да не продолжам. Зарем веруваш дека ако мене ме запреш, вистината ќе остане засекогаш ваша фамилијарна тајна. Па, нели ти тврдеше дека вистиата е како шило, кога-тогаш ќе излезе на површина. Еве ја, Никола Груевски, излезе на видело вистината за твојата чеснос“, рече Заев на прес конференција одржана во партиското седиште.


Прес конференцијата на Зоран Заев

ВМРО-ДПМНЕ: Аудио снимките се лоша монтажа, Заев ќе го добие одговорот на 27 април

Наводите искажани од Зоран Заев се целосно неточни и целосно измислени. Се работи за класична монтажа за нешто што во најголем дел не ни наликува на гласот на Никола Груевски, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на пресот на претседателот на СДСМ Зоран Заев, на која презентираше аудио снимки за наводното договарање на продажбата на Македонска банка.

„Во самата монтажа има многу грешки, спротивности и детали кои се побиваат едни со други и се крајно нелогични. Очигледно добро се потрудиле колегите и наместо продуктивно, времето го трошеле за вакви работи, но за нивна жал ќе се уверат дека и ова нема да им пројде”, се вели во реакцијата.

Од таму додаваат дека се работи за класична лага и ако имало вакво нешто или било што незаконски направено од страна на Никола Груевски, тоа досега ќе било објавено, а тоа сега го прават пет дена пред избори, со цел да дискредитираат.

„Периодот за кога велат дека се случил овој наводен разговор и периодот потоа, значи пред повеќе од 10 години, беше период на жестоки политички битки кога актуелни и на позиции беа менторите на Зоран Заев, а во тоа време и Груевски беше и во длабока конфронтација и со Љубчо Георгиевски, и ако било што имаше незаконски тие сигурно ќе постапеа против Груевски”, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата на власт најавија дека до Заев ќе биде поднесена тужба за клевета и навреда, и дека тужбата ќе биде сеопфатна и по сите основи.

„Ако мисли Зоран Заев дека на овој начин, преку вакви манипулации ќе добие некој глас за изборите и дека некој во државава ќе подлегне на вакви измислици, лаги и монтировки, длабоко се лаже. На 27 ми април ќе добие одговор што народот мисли за овие негови манипулации”, се вели во реакцијата.

OhridNews
извор:„Макфакс“

Кузески: Каде е најавената современа опрема за Општа болница?

Шешоски: СДСМ не е политичка опција која му е потребна на народот

СДСМ: Дали за Шешоски „мрачниот период“ е истиот кога екс локалната му ги додели сите тендери?